Владата денеска одржа тематска седница посветена на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Во своето обраќање на седницата премиерот Заев потенцира дека оваа значајна годишнина се совпаѓа и со 30-годишнината од независноста на нашата земја, со 80-годишнината од народното востание и 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација како наш прв чекор во остварувањето на целта за членство во Европската Унија.
Премиерот потсети дека една од првите приоритети на листата на новоформираната влада во 2017 година било заокружувањето на нормативниот дел, кој произлегувал од Охридскиот договор.
– Тогашната влада, во која министри беа и поголем дел од овој актуелен состав, ја исполни обврската, која непотребно се одолжуваше од сите претходни влади и го донесе Законот за употреба на јазиците. Со Законот за употреба на јазиците, како и со сите други законски измени и подзаконски акти за правична застапеност, се заокружија одредбите од Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан на 13 август во 2001 година и со кој се стави крај на конфликтот и кој беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат преку дијалог и во институциите – истакна Заев.
Премиерот нагласи дека Охридскиот договор ставил крај на конфликт, кој со себе понел и жртви и кој спречил, како што рече, нашата заедничка татковина да стане место на продолжен конфликт и на општество без надеж за мирен живот.
– Во моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на најголемиот тест покажавме дека ние проблемите ќе ги решаваме преку институционалниот систем и никако поинаку. Покажавме дека сакаме да живееме сложно и обединетo, да напредуваме сите заедно. И сето тоа беше постигнато во тесно партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ. Денес тоа е и нивна успешна историја, што заеднички ја одбележуваме – рече Заев.
Со Охридскиот рамковен договор, додаде тој, нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија. Заедно се развиваме како држава во која шансите за благосостојба се еднакви за сите како членка на НАТО и идна членка на ЕУ.
– Се определивме за политики што ја градат Република Северна Македонија како граѓанска држава на сите што живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Прифативме дека Македонците како мнозински народ во нашата земја имаат одговорност да креираат политики и атмосфера за негување, заштита и унапредување, афирмација и поддршка на употребата на сите други јазици на припадниците на граѓаните што живеат во нашата земја – потенцира премиерот.
– Нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики е посебноста и суштината на нашето заедништво.
Тоа заедништво што се градеше со векови за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина – истакна Заев.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, во своето обраќање истакна дека одбележуваме годишнина на еден значаен документ, кој, како што рече, донел мир, ги променил Уставот и општеството и ги отворил евро-атлантските перспективи.
Груби информира дека во организацијата на Владата со оваа тематска седница почнуваат низата настани со кои ќе се одбележува 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор со слоганот „По Охрид“.
По серијата активности во повеќе градови, во кои ќе бидат вклучени повеќе институции, централниот настан ќе се одржи на 13 август, на денот кога е потпишан Охридскиот рамковен договор.
На тој настан, организиран во соработка со Универзитетот „Колумбија“ од Њујорк, е потврдено учеството на државниот врв, но и на пријателите од меѓународната заедница и на протагонистите што учествуваа во процесот на постигнување на Охридскиот рамковен договор, како што се Питер Фејт, Дејвид Слин, Роберт Сери, Бренда Пирсон, Пол Вилијамс, Дејвид Филипс и други.