Подобрување на имиџот и репутацијата на стручното образование и занимања во јавноста, а истовремено да ги мотивира граѓаните, особено младите, да градат кариера во стручните занимања, е целта на новата информативно-едукативна кампања финансирана од Амбасадата на Швајцарија во земјава, Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за развој на Обединетите нации, со поддршка од Меѓународна организација на трудот, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Владата на Република Северна Македонија.
На настанот за отпочнување на кампањата за промоција на стручно образование и занимања преку панел-дискусија се обратија претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада и директорот на УСАИД во РСМ, Ерик Јановски.
Во неговото обраќање, премиерот Заев рече дека инвестирањето во иновациите и информатичката технологија овозможува обезбедување стручен и компетентен кадар, кој се остварува преку квалитетен образовен систем, на чија реформа Владата сериозно е посветена.
– Нашите мерки и политики, како што е Планот за економски раст, финансиската поддршка за старт-ап компании и другите, се поттик за младите луѓе да се охрабрат и своите идеи да ги претворат во успешни бизниси. Овие квалитетно квалификувани кадри, ќе бидат добредојдени во компаниите кои сè повеќе инвестираат во нашата земја, а кои пак заради развиената технологија бараат стручност и компетентност, во одредените индустриски гранки. Ние, со поддршка на нашите пријателски земји, преку кои запознавме искуства од примената на дуалното стручно образование го започнавме процесот на имплементирање, со воведување на експериментални паралелки во пет општини, каде учениците се стекнуваат со практични вештини директно во компаниите, каде ќе можат и да се вработат откако ќе го завршат образованието – истакна премиерот Заев.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека Владата прави голем напор за отворање на квалитетни работни места, а од друга страна и за подготовка на младите за пазарот за труд.
– Наша задача е да ги насочиме, да им ги отвориме вратите и да им покажеме дека е можно да се успее. Донесовме и нов закон за практиканство кој се покажува дека помага во премостување на периодот од образование кон вработување. Ова решение беше одлично прифатено од сите, бидејќи е од корист и за младите и за компаниите. Младите имаат можност да се стекнат со практична работа во компаниите во траење од шест месеци и за истата да бидат платени, а работодавачите да препознаат квалитети кадри коишто трајно ќе ги вработат. Во првите три месеци им следува надоместок од 5.000 денари, а во вторите во висина на минимална плата – изјави Царовска.
Министерот за образование и наука, Арбeр Адеми истакна дека поддршка од министерството за имплементацијата на концептот на дуално образование со кој се овозможува учење преку работа, односно повеќе пракса за учениците.
– На овој начин, работиме на унапредување на образовниот систем да биде способен да продуцира знаење и вештини што им се релевантни и потребни на индустријата и на современата дигитална економија, преку имплементација на најдобрите светски искуства во овој сегмент – рече Адеми.
Кампањата треба да влијае мотивирачки и на образовните, државните институции, бизнисот и граѓанскиот сектор да работат уште поинтензивно во поддршката на ваквиот вид едукација и во создавање поголеми можности за усовршување и кариерен развој за оние кои ќе ги изберат стручните занимања.
– Нашата интервенција во Северна Македонија е поврзана со еден од клучните елементи на швајцарскиот систем – силниот ангажман и големата вклученост на приватниот сектор во стручното образование и обука. Само на овој начин младите лица кои завршуваат стручно образование во Северна Македонија може да стекнат вештини кои се барани од страна на компаниите – истакна амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер.
Кампањата за промоција на стручното образование ќе се одвива до мај 2020 година и ќе се реализира преку различни комуникациски алатки, вклучувајќи видео пораки кои ќе се споделуваат на традиционалните медиуми и на социјалните мрежи. Заинтересираните исто така ќе можат да се информираат за сите аспекти преку веб-страница zanimanja.mk создадена со помош на Меѓународна организација на трудот, во соработка со МТСП и надоградена за потребите на кампањата.