Членството во НАТО овозможува перспективна иднина за Македонија – тоа ќе има огромни позитивни ефекти за безбедноста и просперитетот и на поширокиот регион, заклучија денеска премиерот Зоран Заев и в рховниот командант на НАТО силите за Европа и командант на Командата на американските сили во Европа , генерал Куртис Скапароти на денешната средба во Скопје.
Заев изрази благодарност за поканата за прием во Северноатлантската алијанса, истакнувајќи дека оваа значајна одлука на сојузниците на НАТО покажува дека Алијансата е силна и посветена на политиката на отворени врати.
Потенцирајќи дека поканата за членство во НАТО е историско достигнување и сатисфакција за напорната работа и верување на сите наши граѓани, институции, политички партии и граѓанското општество во целост, Заев ја истакна широката поддршка од јавноста и сите етнички заедници за нашата аспирација.
Врховниот командантот на НАТО силите за Европа, американскиот генерал Скапароти, кој претходно со делегација на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, предводена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска во касарната „Илинден“ присуствуваше на показна вежба, на премиерот Заев му упати пофални зборови за припадниците на АРМ, оценувајќи дека покажале голема подготвеност и дисциплина соодветна на НАТО стандардите и процедурите.
Пренесувајќи ја силната поддршка од Алијансата, генералот Скапароти искажа отвореност за соработка и помош, доколку на Македонија во наредниот период и е потребна, за усогласување на неопходните политики и стандарди до конечното официјализирање на членството на земјата во НАТО.
На средбата беше истакнато дека потпишувањето на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е позитивен пример за земјите од целиот регион на Југоисточна Европа, во насока на решавање на отворените прашања, за унапредување на добрососедските односи, што придонесува кон продлабочување на економската соработка и обезбедува напредок.
Премиерот Заев, потенцираше дека посетата на високиот претставник на НАТО и поддршката која тој ја пренесува е посебна мотивација за македонските граѓани и за институциите на претстојниот референдум да ја покажат одлучноста за продолжување по патот кој обезбедува полноправно членство во ЕУ и НАТО, фаза која не води поблиску до гарантираната безбедност и сигурност во друштвото на земјите-членки и сојузници во НАТО, што отвора перспективи за дополнителен економски развој на нашата земја.
Премиерот Заев рече дека како идна членка на НАТО, Македонија е подготвена целосно да ги сподели должностите и одговорностите за зачувување на регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.
Генералот Скапароти го покани Заев да ја посети централната команда на НАТО, во Монс.