Премиерот Зоран Заев се сретна со високите европски претставници Пападимулис, Ферxофштад и Шулц: Заедничка поддршка за позитивна одлука во октомври.
Премиерот Заев за време на конференцијата Самит на Западен Балкан – „Зацврстување на моментумот за европска интеграција”, во организација на влијателниот магазин „Економист“ оствари неколку билатерални средби со учесниците Димитрос Пападимулис, заменик претседател на Европскиот парламент, Ги Ферхофштад, пратеник во Европскиот парламент, член на групата Renew Europe (Обнови ја Европа) во ЕП и поранешен премиер на Белгија и Мартин Шулц, поранешен претседател на Европскиот парламент и поранешен лидер на Социјалдемократската партија на Германија.
На поединечните средби се изразени јасни пораки на поддршка дека Република Македонија заслужува и треба да добие позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври, кога нашата држава очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ.
На средбата на премиерот Заев со заменик претседателот на Европскиот парламент, Пападимулис, констатирано е дека нашата држава направи големи чекори во решенијата на билатералните прашања со соседите и во домашните реформи и дека никој не би можел да оди против тие резултати. Оценето е дека нашата држава секоја година е се подобра во реализацијата на реформите и дека тој напредок е видлив и во следниот период треба да биде уште повидлив за Европа.
На средбата на премиерот Заев со пратеникот во Европскиот парламент, член на групата Renew Europe (Обнови ја Европа) во ЕП и поранешен премиер на Белгија, Ферхофштад, пренесена е силна поддршка од новоформираната група на либерали во Европскиот парламент којашто јасно ги изразува очекувањата да бидат вреднувани постигнувањата на Република Македонија и препорачува отворање преговори со нашата држава. Оценката е дека ваквиот исход од октомврискиот Совет на ЕУ ќе биде добра мотивација и за напредок на регионот.
На состанокот на премиерот Заев со поранешниот претседател на Европскиот парламент и поранешен лидер на Социјалдемократската партија на Германија, Шулц е посебно нагласена потребата од позитивна одлука во октомври од страна на Советот на ЕУ за европските перспективи на нашата држава, бидејќи тоа е добро и за Европа, којашто има потреба од стабилност и реафирмирање на европските вредности. Констатирано е дека Европа мора да возврати на искрените политики на дијалог што донесоа решенија на големи прашања, како што беше билатералното прашање со Република Грција бидејќи тоа е позитивна порака и за целиот регион.
Како што соопшти Владата, Заев на сите три состаноци се заблагодарил на високите европски претставници за изразените заложби за европскиот напредок на земјава и изразил благодарност за континуираната недвосмислена поддршка што доаѓа од Европскиот парламент.
– Ние сме добар пример на држава којашто носи храбри одлуки на решенија, којашто покажува на дело почитување на европските вредности како што се дијалогот, транспарентноста, слободата, демократијата и ќе бидеме само од помош на регионот и на Европа. Посветени сме на политики за нови инвеститори, раст на платите, социјални бенефити, враќање на парите кон граѓаните, а економските можности во голем дел се резултат на отворените перспективи за полноправно членство во НАТО, што го очекуваме на крајот на оваа или почетокот на следната година, како и најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ. Потребна ни е чиста, позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври, за да продолжиме да ја развиваме државата и да придонесуваме во развојот на регионот и на Европа – рече меѓу другото, премиерот Заев во разговорите на билатералните средби со претставниците од Европа Шулц, Ферхофштад и Пападимулис.