Со бројните содржини предвидени со програмата за чествување на 8 септември – Денот на независноста на Република Македонија, која оваа година се одвива под слоганот „Боите на независноста“ во Градскиот парк во Скопје, на локацијата Школка, започна одбележувањето на овој наш голем државен празник.
Во овој дел на чествувањето пред присутните гости и граѓани на Македонија, свое обраќање имше претседателот на Владата, Зоран Заев. Тој порача дека земјата мошне напредувала, додавајќи дека државата е пример за сите останати.
-Јазикот се користи слободно секаде, нашиот идентите е потврден и зајакнат. Нашето државјанство е македонско. И денеска и во секоја наредна прилика упатувам благодарност до сите наши сограѓани, што покажаа другарско и братско разбирање. Овие мостови кои ги градиме денес се крвоток на нашата заедничка иднина. Ова место како да има некаква симболика со своето име. Дваесет и осум години по независноста, оваа наша земја конечно се отвора. Македонскиот бисер од школката почнува силно да сјае. Од држава со многу проблеми, сега сме позитивен пример кој другите сакаат да го следат. Гордост европска. Пријатели сме со сите, ја зајакнуваме соработката. Не треба да им подлегнеме на емоциите. Ако рационално размислиме, ништо не губиме. Од нас зависи колку ќе постигнеме во иднина. Најголемите проблеми се зад нас а патот ни гарантира подобро утре – рече Заев.