Чекориме кон НАТО и ЕУ, решаваме спорови, го јакнеме идентитетот. Владата на РМ ги продолжува разговорите со Грција, порача денеска премиерот Зоран Заев денеска пред Владата во присуство на сите министри на прес-конференцијата со која се одбележа една година од работењето на Владата.
– Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народа никогаш не било поголемо. Македонскиот јазик е потврден, нашиот идентитет е потврден, не е лесно ова прашање, но на Македонија и треба лидерство за да чекори напред, а не само празни зборови- рече Заев.
Нагласи оти за името ќе има референдум, на кој граѓаните ќе го имаат конечниот глас.
– Вистинските патриоти денеска се тие што им обезбедуваат иднина на граѓаните на Македонија по решавање на спорот за името. Македонија станува членка на НАТО. Решаваме 25-годишен спор, кој земјата ја влечеше надолу- додаде Заев.
Премиерот нагласи дека во името на граѓаните Владата се вложила да направиме промени и „една година подоцна велиме дека зад нас е една година на промени, со кои Македонија ја градиме да биде земја за сите граѓани“.
– Ја кренавме РМ како отворена, праведна, стабилна земја, земја на можности која почива на пет столба- додаде Заев.
Појасни дека тоа се столбовите на економски раст, реформите, услужни институции, едно општество за сите и стратешките интереси – членство во ЕУ и НАТО.
– Триста шеест и пет промени во 365 дена, а секој ден Македонија се менува на подобро- нагласи Заев.
Премиерот рече дека Македонија стана земја на економски раст.
– Градиме држава по европски правила, се грижиме да има квалитетна услуга за сите граѓани. Носиме промени и ја градиме РМ како едно општество за сите, едно семејство за сите. Македонија е земја во која сите граѓани се од прв ред. Решаваме спорови и при тоа го јакнеме идентитетот- порача Заев.
Напомена дека со мерките на Владата 90 илјади граѓани денес земаат поголема минимална плата, најмалку за две илјади денари, а просечната плата е повисока за 5,6 отсто во споредба со лани.