Премиерот Зоран Заев се вклучи во кампањата за подигање на свеста за важноста од дарувањето на органи и најави дека оставил аманет на своето семејство неговите органи да бидат донирани.
– Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот, затоа за ова прашање имам разговарано со најтесниот круг од моето семејство и имам оставено аманет дека сум подготвен лично да придонесам нечиј живот да биде спасен – вели Заев во видео-порака објавена на социјалните мрежи чија цел е ширење на свеста и едукација за важноста од донирање на органи.
Премиерот посочи дека дарувањето органи е највисок чин на хуманост и изрази голема поддршка и солидарност со оние кои чекаат трансплантација на орган, како и голема благодарност до сите донатори и нивните семејства, кои спасуваат животи на многу благороден начин.
– Сакам уште еднаш да ги повикам сите граѓани да прифатат дека дарувањето органи е највисок чин на човечност и хуманост, да се подигне свеста за многу успешни трансплантации – вели Заев на крајот од видео-пораката.