Од правосилните судски пресуди, а не од извршната власт, зависи колку ќе заврти бројчаникот на Триумфалната капија, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев, според кого, како што ќе се инкасираат парите во буџетот, така ќе се испишува на уредот.
Тој одговарајќи на новинарско прашање посочи дека бројчаникот треба веќе да заврти 18 милиони евра од судската постапка за „Трансмет“ за Сеад Кочан, а дополнително, ако Обвинителството докаже вина пред судовите, нови 11 милиони од запленетите пари од дијализите.
– Бројчаникот е поставен, го платив приватно. Тој зависи од правосилни судски пресуди и заплена на имот. Овој бројчаник треба да заврти 18 милиони евра од заплената на имотот на „Трансмет“, кој е завршена постапка. Се завршуваат правните процедури за да инкасира буџетот на државата со продажба на самиот имот. Милион евра од финансовата полиција се веќе завртени. Со сите пресуди, каде ќе се утврди одговорност, се носат и пресудите за материјалното плаќање за обештетување на државата. Бројчаниот зависи од судските пресуди, не од извршната власт. Од извршната власт, значи, оставање на процесот на правосудството на независен начин да ги утврдува сите овие постапки, со конечните права на жалба на секој граѓанин кои ги има со Устав. Знаете дека имаме постапка на заплена на пари од дијализите, кои се три милиони евра запленети во наши банки, осум милиони евра во италијански банки, не знам каде се. Ако Обвинителството докаже дека е тоа така, преку судски постапки и тие 11 милиони евра ќе завршат на бројчаникот – рече Заев.
Тој останува на ставот дека треба секој да одговара пред законите, почнувајќи од него, посочувајќи дека еден од постулатите на СДСМ и ДУИ ќе биде борбата со криминалот и корупцијата.
– Ако си дозволиме било кој, за кои има основани сомненија, докази и аргументи да ја избегне правдата, сме ја уништиле комплетно државата. Ние имаме високи претставници од СДСМ и коалицијата, кои се исправија пред судски процеси за да ја докажат својата невиност или да им се утврди вината и да понесат одговорност. Еден од постулатите во коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ е борба против криминалот и корупцијата, владеење на правото и овде отстапки нема да има. Првата работа која ја чекаат оние тивки гласачи, кои останаа дома, е токму таа порака, одговорност пред законите и правда за сите, почнувајќи до мене како човек кој е мандатор за новата Влада. Доминантно оваа Влада ќе биде посветена дома на правото, здравството, образованието, екологијата – рече Заев.