Премиерот Зоран Заев на социјалната мрежа Фејсбук најави награда од 600 илјади евра за ракометниот клуб Вардар.
-Добредојде за Вардар, за играчите и за управата, во Владата. Ви честитам за титулата европски шампион. Ви благодарам за среќата и радоста кои ни ги приредивте. Вие сте шампиони на нашите срца! Среќни сме што постои клубот и сакаме да опстане. Затоа, ќе предложам на седница на Влада да доделиме 500.000 евра како награда за постигнатиот успех, а дополнителни 100.000 евра ќе додели и Агенцијата за млади и спорт- напиша Зоран Заев на Фејсбук.
Премиерот Заев од свое лично име, од име на членовите на Владата на ракометарите на Вардар им додели плакета како знак за признание за освоената титула, Европски првак во Лигата на шампионите на Европската ракометна федерација за 2019 година.
-Со сите големи резултати на меѓународните спортски арени РК „Вардар“ е нашиот најголем спортски амбасадор со најдостојно место меѓу најголемите тимови на светскиот спорт- се вели во признанието потпишано од премиерот Заев.
Од ракометниот клуб „Вардар“ премиерот Заев доби црвено-црн дрес со број еден, на кој е испишано неговото презиме.
Ракометарите на „Вардар“, кои во својата историја по вторпат ја освоија титулата во Лигата на шампионите, на средбата со премиерот Заев го донесоа и шампионскиот пехар и топката од решавачкиот натпревар.