Зголемен БДП за над 40 отсто, раст на платите, намалена невработеност, вратена доверба кај инвеститорите, зголемени вложувања. Ова се некои од показателите содржани во најновата ревизија на Светската трговска организација (СТО) што покажува дека нашата економија е на добар пат, а владините политики даваат резултат, рече премиерот Зоран Заев. Тој, соопштувајќи ги бројките објавени од СТО на 15 јули, најави нов инвестициски циклус од пет милијарди евра.
– Создадовме реална, силна економија. Направивме сѐ за да ја оттргнеме економијата од бизнисот. Ревизијата на СТО е уште еден доказ дека економските политики на Владата даваат резултат. Оваа, 2019-та, навистина ќе биде година на економијата – истакна Заев.
Премиерот напомена дека инвестициите се зголемени, земјава направи скок од 25 места според глобалниот инвестициски индекс, а драстичен раст бележи и извозот.
– Со посветена работа успеавме да ги стабилизираме економските текови и состојби. Компаниите растат и се развиваат, расте нивната конкурентност, се зголемуваат бруто-инвестициите, а прогрес бележи и градежништвото – истакна Заев.