Македонскиот народ никогаш не окупирал и не земал туѓо. Нашите големци и дејци од минатото ги паметиме по големите космополитски идеи кои ги надминуваат границите на националното. Нашата борба секогаш била само да се биде свој на своето, да се подава рака и да се трага по заедништво, порача премиерот Зоран Заев во Прилеп, на денешната свеченост по повод празникот 11 Октомври и 80 години од Денот на народното востание, додавајќи дека Македонија е препознаена и како инспиратор на еден нов Балкан.

Заев истакна дека борците од народно-ослободителната војна и сите претходни генерации што ги вградиле своите дела и животи во слободата, ни ја дале државата како дом за сите.

– Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци. Аманет поради кој сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност секогаш да бидеме обединети во негувањето на нашето праведно општество – кажа премиерот.

Тој напомена дека празнувањето на големите датуми и оддавањето чест на претходниците вградени во државноста и во слободата, претставува еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.


Премиерот доби плакета за негување на вредностите на антифашистичката борба

На премиерот Зоран Заев, во рамки на програмските активности за одбележување на празникот 11 Октомври – Денот на народното востание и по повод 80-годишнината од овој настан, му беше врачена плакета за неговиот значаен придонес во афирмацијата и негувањето на вредностите и традициите на антифашистичката борба.

Како што информираат од владината прес-служба, плакетата на Заев му ја врачил претседателот на српскиот Сојуз на здруженијата на борците од народно-ослободителната војна (СУБНОР), Видосав Ковачевиќ.