Премиерот Зоран Заев се сретна со делегација од Хрватскиот сабор, предводена од пратеникот Домагој Милошевиќ, претседател на Комитетот за европски работи, придружувана од амбасадорката на Хрватска во земјава, Данијела Баришиќ.
Како што соопштија од Владата, на средбата, на којашто присуствуваа пратеници и од власта и од опозицијата во Хрватскиот сабор, изразена е силна поддршка за европските перспективи на Македонија, откако во Република Хрватска беше ратификуван Протоколот за членство на нашата држава во НАТО.
– На средбата се поздравени храбрите, лидерски политики на премиерот Заев, што ги отворија евро-атлантските интеграции на земјава и покажаа дека во политиката се можни решенија низ дијалог и за најчувствителните билатерални прашања. Ова е оценето како охрабрувачки пример за целиот регион. Изразено е очекување дека и Берлин и Брисел и цела Европа ќе го препознаат тој пример што придонесува за стабилноста и безбедноста на регионот, како и на самата Европска унија и ќе овозможи скорешен почеток на преговорите – соопштија од владината прес-служба.
Заев се заблагодарил на хрватските пратеници за огромната пријателска поддршка од Република Хрватска за Македонија.
– Претседателот на Владата, Заев, на средбата со пратениците од Хрватска изрази надеж, дека ќе се остварат очекувањата и најавите на претседателот на ЕК, Јункер,за добивање датум за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ ова лето, во јуни или јули, пред годишните одмори – соопштија од Владата.