Премиерот Зоран Заев во рамките на своите активности на Самитот за Западен Балкан во Познањ, Република Полска, оствари средба и со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
На средбата беше потврдено дека Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји останува пример за решавање на отворените прашања во регионот и дека беше импулс и за следните големи политички одлуки што ги донесе земјава, како што беше Договорот од Преспа, по што следуваше забрзување на процесите за членство во НАТО и ЕУ.
– Двајцата премиери разговараа за спроведувањето на одредбите од договорот и се согласија дека се остваруваат со добра динамика, но и дека секогаш може подобро. Низ разговорот, премиерите Заев и Борисов изразија поддршка и охрабрување за работата на комисиите на двете земји да ја засилат соработката и посветеноста на прашањата што ги разгледуваат – се вели во соопштението на Владата.
Двајцата премиери, како што се додава, изразиле заедничко мислење дека двете земји имаат дел од заедничка историја и дека духот на добра волја и пријателство со кои започнаа да се одбележуваат и чествуваат заеднички настани и личности што се оствари во изминатиот период, треба да продолжи и понатаму.
– Премиерот Заев, во име на Владата и во име на народот на земјата изрази благодарност за поддршката на Република Бугарија во евро-атлантските интеграции на нашата земја, соодветно на поддршката што доаѓа од искреното пријателство меѓу двете земји. Оваа блиска соработка е крунисана на Самитот во Познањ со заедничкото, историско, претседавање на Берлинскиот процес во наредните 12 месеци, што е признание за Бугарија и за нејзиното лидерство како земја членка во регионот, како и за Република Македонија, која се докажа низ конкретни чекори како земја која пријателството и довербата ги става во врвот на своите приоритети – се додава во соопштението.