Во рамки на посетата на бугарската владина делегација предводена од премиерот, Бојко Борисов, денеска во Дојран се одржа церемонија на откривање на обновениот споменик на генералот на бугарската армија, Константин Каварналиев, којшто го одбележува неговото вечно почивалиште.
Двајцата премиери Заев и Борисов оддадоа почит и положија свежо цвеќе пред споменикот, а потоа дадоа кратки изјави за медиумите.
Премиерот Заев во својата изјава во врска со настанот кажа дека почитта за културното и историското наследств е директна обврска од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и претставува израз на пријателството и блискоста меѓу двете земји.
– Не робуваме на стереотипите, туку градиме искрен и отворен пријателски однос. Ги славиме и почитуваме нашите особености и ја прифаќаме и чествуваме историјата која ни е споделена. Со возобнувањето на споменикот Општина Дојран добива уште една точка од историско значење, што сигурно ќе привлече туристи и туристичко внимание на дел од населението во Бугарија. Со тоа добиваме уште едно обележје од богатата и слоевита историја на Балканот – порача македонскиот премиер.
Неговиот бугарски колега, Борисов, зборуваше за големото историско значење на ликот и делото на генералот Константин Карванлиев и за можноста овој споменик да биде мост на поврзување на граѓаните од двете земји.
Споменикот во Дојран го одбележува вечното почивалиште на полковник Константин Каварналиев, посмртно промовиран во Генерал на бугарската армија. Бил ранет во регионот на Дојран во втората балканска воја, за време на борбите во јуни 1913. Починал на 23 јуни 1913. Оригиналниот споменик стоел на истото место до почетокот на 1966 година, а сега е возобновен на иницијатива на бугарскиот премиер.