Конференцијата „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“ одбележува значаен јубилеј достоен на европските вредности за почитување на различностите и за единство на сите разлики на Европа. Тоа го прави нашиот континент уште поубав и пример за почитување на правата на секоја етничка заедница во европското семејство. Тоа е голема вредност, истакна Претседателот на Владата, Зоран Заев на овој настан што e во организација на Македонската алијанса за европска интеграција во Албанија.
-Непосредно после Втората светска војна и со формирањето на македонската држава, тогаш во југословенската федерација започнала и грижата за Македонците кои живееле во соседните земји за да се воспитуваат и образуваат на својот мајчин македонски јазик – рече Заев.
Со тоа Албанија станала земја која го признава статусот на македонското етничко малцинство и во Мала Преспа се организирала настава на мајчин македонски јазик во основното образование до петто одделение, а од страна на државата биле отпечатени и учебници. Процесот се унапредувал и наскоро започнале да се создаваат и образуваат и наставници по македонски од локалното население кое полека почнале да ги заменуваат наставниците испратени од тогашна Социјалистичка Република Македонија.
Сѐ до денес во континуитет останува изучувањето на македонскиот јазик како предмет во училишната настава во училиштата на Мала Преспа.
-Се разбира, секогаш може и повеќе и затоа ги развиваме односите меѓу двете земји на највисоко пријателско ниво за да разговараме слободно за можностите. Зачувувањето на јазикот е од огромно значење заради тоа што ги обединува луѓето и културно ги поврзува генерациите за да можат една на друга ги пренесуваат цивилизациските вредности на човештвото – нагласи премиерот Заев.