Борбата против криминалот и корупцијата продолжува и никој нема да биде поштеден од какви било индиции или постапки коишто се незаконски, порача премиерот, Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.
„Тоа важи за тие од првиот, за тие од вториот и за било кој друг ешалон, тоа важи еднакво за сите граѓани. Имаме јасна порака до сите носители на јавни функции, до прв и втор ешалон, до државните службеници и до граѓаните – внимавајте, затоа што сега сѐ е јавно, никој нема да биде поштеден“, рече Заев.
Тој укажа на транспарентноста во државата, поради што граѓаните јавно укажуваат на сите индиции и затоа се можни уште поголеми резултати во борбата против криминалот и корупцијата.
Премиерот посочи дека денес антикорупциските активности се насочени кон секого и има судски завршници, за разлика од времињата кога, како што рече, никој од поранешната власт не бил повикан на одговорност.
„Недвосмислена и јасна порака секогаш сум испраќал и денес испраќам: законот важни еднакво за сите. Дополнително, плус етички – не само кривично, се одговорни носителите на јавните функции, колку се повисоко на функциите во ешалонот, затоа што од нив се очекува да бидат пример и не само да бидат пример, туку и да го помогнат целиот овој процес на најотчетно и најодговорно ниво“, додаде Заев.
Премиерот на седницата зборуваше и за заложбите на Владата за професионална и ефикасна јавна администрација, поради што ги повика опозицијата и општо пратениците, наесен да ги поддржат реформите во јавната администрација коишто се изготвени од експерти, а во насока максимално професионално да им служи на граѓаните.