Заедничката организација на манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ на Словачка, Чешка и Македонија е вредност за споделување со сите словенски народи и од огромно значење за европската духовна и културна историја, изјави премиерот, Зоран Заев.
Тој денеска имаше средба со амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш, кој го претстави долгогодишниот организатор и иницијатор на манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ Стојан Лекоски, наш сонародник кој повеќе децении живее во Словачка.
Заев на средбата предложил, а од страна на гостите било прифатено како укажана чест, оваа година настаните во рамките на манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ што ќе се организираат во Македонија, да бидат вклучени во програмата за одбележување на 30-годишнината од прогласувањето на независноста на нашата земја.
– Да покажеме заедно со Словачка и Чешка дека делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј е од заедничка вредност за паметење и чествување на сите словенски народи и од огромно значење за европската духовна и културна историја – рече Заев.