Премиерот Зоран Заев во доцните попладневни часови на скопскиот аеродром учествуваше во свеченото испраќање на папата Франциск кој денеска беше во еднодневна посета на нашата земја.
Како што информираат од владината прес-служба, на испраќањето премиерот на поглаварот на римокатоличката црква му подарил реплика од теракотна икона од 6 – 7 век, од археолошкиот локалитет Виничко Кале. На иконата е аплициран Победничкиот крст на Византискиот император Константин кој го легализирал христијанството со Миланскиот Едикт од 313 година.
Папата Франциск и бројната делегација на Католичката Црква и на Ватикан, ја завршија посетата со програмска содржина која вклучуваше средби со државниот врв, средба со сиромашните, со свештениците и верниците на Католичката Црква во земјава, како и света литургија на која присуствуваа неколку илјади граѓани од земјата, од регионот и од повеќе европски земји.