Стапката на смртност на предвремено родени бебиња во државава е намалена двојно и изнесува 12 проценти на годишно ниво.
Ова го посочија надлежните институции денеска на свеченоста што се одржа на Гинеколошко акушерската клиника во Скопје, по повод Светскиот ден на предвреме родени бебиња – 17 ноември.
Премиерот Заев порача дека институците треба постојано да се ангажираат за да ја променат црната статистика и покрај резултатите што се постигнати.
– Да им обезбедиме услови на малите борци да ги добијат неопходните услови во одделенијата за интензивна нега со соодветна топлина, поддршка за прихрана и основна грижа за инфекции и тешкотии во дишењето. Во развиените земји речиси сите овие бебиња преживуваат. Нашата намера е Северна Македонија да е една од тие земји. Имаме причина да веруваме дека сме на добар пат да го постигнеме тоа. Во 2016 година процентот на починати предвреме родени бебиња изнесуваше 25 проценти, во 2017 стапката се намали на 21, во 2018 изнесуваше 16 проценти, а годинава 12 проценти – рече Заев.
Директорката на ГАК, Викторија Јовановска, посочи дека бројките за преполовената смртност мотивираат да бидат уште повеќе посветени и да ги елиминираат сите ризици и причини за смртност на предвреме родените бебиња.
– Владата обезбеди набавка на 25 инкубатори, со која значително се релаксира работата за персоналот, а уште поважно се обезбедија доволно современи инкубатори. Повеќе нема сместување на две бебиња во ист инкубатор со што се спречува дополнителниот ризик од инфекции и други компликации – посочи Јовановска.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека успехот во третманот на прерано родените бебиња е резултат на промени и вложувања во повеќе области, кои како што рече, отсуствувале во минатите години.
Тој ги нагласи вложувањето во опрема, едукацијата на кадарот, класифицирањето на родилиштата и воведената работата по протоколи по светски стандарди.