Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, упати честитка по повод Христовото раѓање – Божиќ. Во честитката потсетува дека овој голем празник не повикува да го чествуваме не само заради историјата, а уште помалку, и најмалку заради обичаите, туку како празник потсетник да ги отвориме срцата за да ја примиме радоста од Христовото раѓање, којашто не исполнува во овие свечени денови.
– Исполнети со таа радост да си посакаме сите еден на друг од срцата да извадиме сѐ што е непотребно, сѐ што е пречка за личен мир, за спокоен дух, за да можеме истото да им го подадеме на другите, блиските, најсаканите, и заедно да го преобразиме злото во добро. Денешниот празник, Божиќ – Рождество Христово, нека ни биде еден ден од многубројните што годинава ќе бидат исполнети со радост на патот на новата надеж за подобро утре за секој човек, во секој дом. Таа надеж и желба за подобро утре да ја пренесеме и во нашиот заеднички дом, општеството, за да го изградиме како похумано и поправедно, со просперитетна иднина за сите, пишува Заев во честитката по повод Рождество Христово – Божиќ.