Премиерот Зоран Заев денеска упати апел за воздржување од говор на омраза и разгорување нетрпеливост по смртта на дваесет и едногодишниот Никола Саздовски, кој на 29 минатиот месец физички беше нападнот од три машки лица на автобуската постојка на бул. „Александар Македонски“ во Скопје.
– Омразата и насилството не и прилегаат на Македонија и одат на директна штета на нашата иднина и на нашата младина. Апелирам сите да се воздржиме од говор на омраза и од разгорување нетрпеливост. Само така, ќе им дадеме можност на институциите да си ја завршат својата работа, за што се платени од граѓаните – наведе Заев на својот фејсбук профил.
Правдата и толеранцијата во општеството се наши заеднички цели, да се вложиме целосно и одговорно за да ги достигнеме, порачува Заев, изразувајќи сочувство до семејството на младиот Саздовски.
Саздовски им подлегна на повредите од нападот вчера изутрина на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ.
Портпаролот на МВР Тони Ангеловски во врска со нападот врз Саздовски вчера изјави дека насилникот е насилник, без разлика на неговата етничка припадност, потенцирајќи дека во државата постојат закони, функционира правната државата и одговорните за нападот ќе одговараат пред законот.
Ангеловски упати апел да се прекине со практиките на гледање на нештата од етнички аспект и информира дека МВР експресно го расчистило случајот, сторители се приведени и одредена им е мерка притвор.