Без оглед на уверувањето на Владата дека го направила вистинскиот избор со преименувањето на националната арена „Филип Втори“ во „Тоше Проески“, останува фактот дека недоволната транспарентност околу постапките, недоволната вклученост на стручни лица и на граѓанскиот сектор, креира атмосфера на постојана конфронтација во јавноста околу тоа колку се соодветни решенијата за именувањата на објектите, кои би требало да станат препознатливи за сегашните, но и за идните генерации
Поделени реакции предизвикаа последните владини одлуки за новите имиња на некои јавни објекти, при што некои од граѓаните се согласуваат, некои се противат, а некои тераат сеир на социјалните мрежи, поради што неизбежно се наметнува прашањето дали секогаш се прави вистинскиот избор при преименувањата.
Вакви реакции имаше и во минатото, кога забелешките беа околу тоа дали еден мал аеродром каков што беше скопскиот, треба да го носи името на големиот војсководец „Александар Велики“, дали првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров заслужува повпечатлив булевар или, пак, како треба да се именуваат катните гаражи, Универзалната сала, музеите… Пред сѐ поради тоа што некои од нив беа именувани според историски личности за кои многумина првпат слушнале и реално никогаш не станаа широко прифатени и препознатливи во јавноста.
На последната владина седница беше донесена одлука националната арена „Филип Втори“ да се преименува во „Тоше Проески“. Овој стадион претрпе голем број преименувања за релативно краток временски период, од Градски стадион во арена „Филип Втори“, потоа во ноември 2016 година беше преименуван во „Телеком арена“, па во септември минатата година повторно беше вратено името „Филип Втори“, пред повторно да биде преименуван во национална арена „Тоше Проески“. Минатата година во февруари и автопатот Александар Македонски беше преименуван во Пријателство, а скопскиот аеродром во меѓународен аеродром „Скопје“.
– Промените се случуваат толку брзо, што повеќе не знам како се викаат објектите што ги знам со години. Па ако гледаме така, ние и името на државата го променивме, а не, пак, имињата на објектите. Пред некоја година една патничка побара да ја префрлам до конгресниот центар „Александар Македонски“. Се збунив, не знаев каде да ја возам, додека таа не ми појасни дека тоа всушност е Универзалната сала – вели Петар Делев, таксист од Скопје.
Според него, именувањето на објектите треба да се изврши на подолг рок, со личности што оставиле длабок печат во нашето општество и историјата.
– За поглавните објекти треба да се собере некоја стручна комисија, да се вклучат експерти од повеќе области и да се реши што е најсоодветно и општоприфатливо, а не потоа следната власт повторно да ги преименува како што нејзе ќе ѝ одговара. Сакаме да живееме со тие објекти, да ни бидат знак на распознавање и да ги знаат и генерации потоа – додава Делев.
Историчарот Тодор Чепреганов смета дека треба да постојат стручни комисии што ќе предлагаат имиња за објектите, а Владата подоцна само да избира од понуденото.
– Од осамостојувањето на државата во 1991 година, беше формирана комисија за промена на имињата на улиците и објектите. Во неа беа вклучени и историчари и луѓе од други области. И секоја општина формира сопствена комисија, која даваше предлози за имињата на одредени улици или објекти. Така функционираа работите – вели Чепреганов.
Тој додава дека секоја генерација има право на свои јунаци и на своја историја.
– Ако им спомнеш за улицата Иво Лола Рибар на помладите генерации, тие нема да знаат која е таа улица. Таа личност ништо не им значи бидејќи секој си живее со своето време. Секоја генерација треба да има свои јунаци и да си има своја историја – истакнува Чепреганов, притоа додавајќи дека при именувањето треба да се води сметка и за контекстот во кој одредена личност би се поврзувала со објектот.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски завчера на Твитер ја соопшти веста за новото име на националната арена, по што следуваа реакции за тоа дали бил направен вистинскиот избор.
– Одлуката за преименувањето беше донесена на владина седница, а по претходна консултација со семејството Проески. Не ми се јасни некои од реакциите на социјалните мрежи, бидејќи сметаме дека Тоше е историска личност и со своето дело заслужил еден ваков грандиозен објект да го носи неговото име – вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
ој, во врска со коментарите за тоа дека објектот можеби требало да биде именуван по некоја друга личност поврзана со спортот, истакна дека и други спортски објекти носат имиња на политичари, историски дејци и други лица, кои не се поврзани со спортот.
– Стадионот во Прилеп се вика „Гоце Делчев“, имаме спортски центар именуван по покојниот претседател Борис Трајковски, па ниту Филип Втори не бил атлетичар, така што навистина не гледам проблем зошто националната арена не би се викала „Тоше Проески“ – вели Бошњаковски, притоа додавајќи дека тие личности оставиле длабока трага за време на своето живеење.
Но без оглед на уверувањето на Владата дека го направила вистинскиот избор, останува фактот дека недоволната транспарентност околу постапките за преименувањата, недоволната вклученост на стручни лица, како и на граѓанскиот сектор, креира атмосфера на постојана конфронтација во јавноста околу тоа колку се соодветни решенијата за именувањата на објектите, кои би требало да станат препознатливи за сегашните, но и за идните генерации.