Психологот Христина Стефановска советува кај анксиозното дете да се постигне чувство на сигурност, безбедност, смиреност и самодоверба со цел да ги интегрира личните капацитети и да постане цврста и целовита личност
Како и зошто се појавува состојба на анксиозност кај децата од мала возраст?
Може ли да се превенира?
Загрижувачки податоци откри Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) на Државниот завод за статистика, спроведено во текот на 2018-2019 година во земјава, како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените, според кое околу девет проценти од децата на возраст од пет до 17 години имаат анксиозност, додека два проценти страдаат од тага или депресија.
Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека Извештајот од истражувањето е објавен во мај 2020 година, но поради пандемијата на ковид-19, како и поради бројните обврски поврзани со Пописот 2021, не добил публицитет каков што заслужува.
Во таа насока, пак, психолозите предупредуваат дека пандемијата од ковид-19 веројатно ги продлабочила проблемите кај децата и во скоро време може да се очекуваат и подрастични резултати од овие досега. Причина за тоа е што децата имаа пауза во одење во градинка и на училиште, но и прекин во дружба со други деца. Велат дека се потребни итни мерки кои мора да ги преземат директно родителите, но и целиот воспитно-образовен систем во земјата.
Психологот за деца и адолесценти Христина Стефановска предупредува дека ваквата состојба најчесто може да се појави како последица на несамостојност во развојот на детето.
– Детето е несигурно и плашливо во извршување на активностите што би требало да ги прави, па поради тоа одбива да ги реализира или бара помош, односно станува зависно од родителот со кој е во таква симбиотичка врзаност. Се нарушило чувството на безбедност поради некои ситуациони фактори или комуникативни пораки кои детето ги кодирало како закана и опасност. Тоа се последиците кои ги создава анксиозноста кај децата-посочува психологот.
Според неа, анксиозноста може да биде последица и на силен психолошки притисок кој родителите или авторитетите ќе го преточат преку барања и очекувања упатени кон детето, а за кое детето смета дека е немоќно, неспособно да ги изврши.
– Анксиозноста е психолошка состојба на вознемиреност во чиј што центар на внимание е количината односно интензитетот на чувството страв. Настанува кога во мисловниот тек на детето ќе се јави катастрофична мисла која ќе предизвика чувство на страв и ќе го обликува однесувањето – објаснува Стефановска.
За таа цел, таа советува кај анксиозното дете да се постигне чувство на сигурност, безбедност, смиреност и самодоверба со цел да ги интегрира личните капацитети и да постане цврста и целовита личност.
Глобалната програма МИКС е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како меѓународна повеќенаменска програма за анкетирање на домаќинствата за поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.