Од Министерството за здравство велат дека во однос на дислокацијата на Центарот од Кисела Вода, во моментот се разгледуваат пет локации за дисперзија на овој центар низ градот
Дали со лекување и давање метадонска терапија за зависниците во неколку поликлиники низ Скопје ќе се реши проблемот по најавата за затворање на Центарот за зависници во Кисела Вода и пропаднатиот обид за негово дислоцирање во фабриката „Металски завод – Тито“ во Гази Баба? Ќе добијат ли зависниците подобри услови за лекување и за примање на метадонската терапија, или, пак, повторно ќе се јават проблеми и реакции од локалното население како што беше со жителите на Кисела Вода кои бараа да биде затворена и дислоцирана оваа установа? Од Министерството за здравство велат дека во однос на дислокацијата на Центарот од Кисела Вода, во моментот се разгледуваат пет локации за дисперзија на овој центар низ Скопје.
– Наместо петстотини зависници на едно место како досега да земаат терапија, се прават анализи во кои пет здравствени установи во градот тие ќе можат да подигнат метадон – соопштуваат од ресорното министерство.
Според експертите, дисперзија на зависниците низ повеќе здравствени установи е најсоодветно решение. Како единствен проблем го посочуваат немањето на соодветен стручен кадар кој ќе работи со овие луѓе.
– Ова е најдобро решение, зашто ова не е само здравствен проблем, туку и социјален и општествен проблем. Пред многу години зависниците беа принудени да доаѓаат во Скопје за да ја земаат метадонската терапија. Во 2006 година се отворија центри во повеќе поголеми градови низ земјата. Така се олесни целиот процес. Но во 2017 година се затвори одделот на Клинички и зависниците мораа да се префрлат во Центарот во Кисела Вода. Тогаш настана и револт кај локалното население – објаснува Христијан Јанкуловски, експерт во проблематиката со дроги.
Според него, дисперзијата е олеснителна можност за зависниците кои веќе со години ја примаат метадонската терапија. На тој начин, вели Јанкуловски, тие ќе можат повеќе да бидат социјализирани, ќе имаат можност да работат и брзо да дојдат до терапијата, наместо да чекаат со часови како што досега беше практика во Центарот во Кисела Вода.
– Најдобро е зависниците да можат да ја подигнат терапијата во установата која е најблиску до нивното живеалиште. Таква е и практиката во многу балкански и европски земји. Секако, таму треба да има можност и за рехабилитација, психолошка помош и ресоцијализација на овие луѓе. Тој процес мора да биде континуиран – додава Јанкуловски.
Решавањето на проблемот со Центарот за зависности се провлекува околу 20 години. Револтот на населението во Кисела Вода ескалираше откако пред две години таму беа префрлени и 150-те зависници од Клиничкиот центар.
Од Министерство за здравство велат дека во земјава лекувањето на зависности е достапно на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје, во три психијатриски болници низ државата и во десет центри за третман во рамките на невропсихијатриските одделенија на општите и клиничките болници, како и во казнено-поправните установи.