Министерството за здравство ја информира јавноста дека утрово на Клиниката за кардиохирургија е извршена третата трансплантација на срце во историјата на нашата држава.

– Операцијата беше извршена врз 39 годишна жена, со вродена срцева маана, кoја подолго време чекаше донор. Станува збор за тешка операција, која траеше 5 часа, а поради сериозноста на истата, следните 48 часа се критични за пациентката – велат од Министерството.

Од таму додаваат дека донираното срце е од починат пациент чие семејство ја покажа својата големина и човечност и одлучи да ги донира срцето и бубрезите за да се спасат три животи.

– За овој гест на хуманост министерот за здравство д-р Венко Филипче, Министерството за здравство и целиот медицински персонал им изразуваат неизмерна почит и благодарност – се наведува во соопштението.

На Клиниката за урологија во тек е трансплантација на бубрези кај двајца пациенти за чија здравствена состојба Министерството дополнително ќе ја информира јавноста, откако ќе завршат операциите.

Во трансплантацијата на органи учествуваа хирурзи, анестезиолози и останат медицински персонал од државните клиники Кардиохирургија, Кардиологија, Урологија, Нефрологија, Институтот за траснфузиона медицина, за Рентгенологија, КАРИЛ и лекарски тим од Клиничката болница Жан Митрев.