Улогата на македонскиот јазик во создавањето и зачувувањето на македонската нација и држава е неоспорна и клучна. За жал, процесот на глобализација, која сѐ поинтензивно се насочува за да „работи“ на страната на поголемите и посилните, наметнува сѐ пожестоки меѓународни политички, економско-социјални, па и културни предизвици. Таквиот удар на глобализацијата вклучува и потиснување на малите светски јазици, вклучувајќи го и македонскиот, кои имаат колосално значење во општествениот развој, културата, просветата, па и на цивилизацијата воопшто
Прашањето на нацијата, корените на државноста, националните особини и нивната препознатливост се тесно поврзани со прашањето на јазикот. Всушност, постоењето на јазик со автентични и специфични граматички карактеристики, кои го разликуваат од другите јазици, е еден од критериумите за докажување за посебниот карактер на одредена нација и, секако, национална држава. Затоа, таквото суштествено прашање за јазикот претставува еден од клучните елементи и, како таков, најчесто присутен во различните политички диоптрии во Македонија, како на надворешен план (во наметнатиот спор за името со Грција), така, во последно време, и во внатрешнополитичките случувања со актуелниот Закон за употреба на јазиците. Преку распространетоста на говорителите на еден јазик се цени и влијанието на некоја нација во светски рамки.
Веќе со децении се одржува ривалитетот за задржување, односно преземање на „титулата“ јазик на дипломатијата меѓу францускиот и англискиот јазик. Добивањето на сите политички битки и освојувања на крајот се сведува на наметнување или на зачувување и заштита на сопствениот јазик, токму поради тежината што секој јазик ја носи со себе и што е неразделно поврзано со националните особини, препознатливост и опстојување. Улогата на македонскиот јазик во создавањето и зачувувањето на македонската нација и држава е неоспорна и клучна. За жал, процесот на глобализација, која сѐ поинтензивно се насочува за да „работи“ на страната на поголемите и посилните, наметнува сѐ пожестоки меѓународни политички, економско-социјални, па и културни предизвици. Таквиот удар на глобализацијата вклучува и потиснување на малите светски јазици, вклучувајќи го и македонскиот, кои имаат колосално значење во општествениот развој, културата, просветата, па и на цивилизацијата воопшто. Во таа смисла, потребно е да се засилат, динамизираат и преземат нови конкретни активности за една поширока афирмација на македонскиот јазик и на меѓународен план.
Еден од исклучително ефикасните начини за тоа, докажан како успешен и сигурен низ годините, е моделот за афирмација на македонскиот јазик во научните лингвистички средини, преку одржување и отворање лекторати во светските универзитетски центри. Во истиот контекст на овој модел треба да се разработи начинот што ќе ѝ овозможи на македонската дијаспора да биде во постојан контакт со нејзиниот мајчин јазик. – Моменталната состојба со лекторатите по македонски јазик во универзитетските лингвистички центри, во извесна смисла, е депресивна. Во времето на СФРЈ имаше 18-20 лекторати по македонски јазик низ светските универзитети, кои сега се сведени на осум, од кои за три е под знак прашалник понатамошното постоење – вели професорот на Катедрата по македонски јазик на Филолошкиот факултет при УКИМ и претседател на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов. Причината за ваквата депресивна состојба на македонските лекторати на универзитетските лингвистички центри, според професорот Спасов, се должи на низа објективни и субјективни околности. Објективните причини се поврзани со општата криза на славистиката во светот, додека субјективните се однесуваат на условите и сатисфакцијата што не ги добиваат лекторите за своите работни ангажмани.
– Државата малку се залагаше или сметаше дека е непотребен трошок одржувањето на постојните македонски лекторати низ светот. Десетина лекторати се веќе згаснати, поради губење на интересот за изучување на македонскиот јазик во земјите каде што постоеја лекторати, што најчесто се должи на откажување од ангажманот на наставниот кадар што работел во лекторатот. Своевремено, во Германија имавме четири лекторати на македонски јазик (во Хале, Минхен, Келн и Франкфурт), а се доведовме во состојба сега да немаме ниту еден. Тоа е навистина поразително, зашто Германија е исклучително важен научен лингвистички центар, со многу универзитети, и не постои земја од светот што нема лекторат на својот јазик во Германија. Не функционираат ниту лекторатите што ги имавме во Лондон и во Брадфорд (Велика Британија), во Аризона (САД), во Австралија, а згаснаа и тие во Грац (Австрија) и во Брно (Чешка). Во голема опасност е да згасне и лекторатот во Москва, што би било навистина поразително, бидејќи Русија е голем и важен славистички центар. Слична е ситуацијата и со лекторатот во Букурешт (Романија) – предупредува професорот Људмил Спасов. Неодамна формираниот Совет за македонски јазик, како своевидно советодавно тело на Владата на Р. Македонија, на кој професорот Спасов е претседател, има дадено предлог за обновување и одржување на лекторатите.
Функционирањето на постојните македонски лекторати низ светот најмногу се должи на личните контакти и ангажманите за нивно одржување на тамошните лектори, односно на личната соработка со македонистите во Македонија. Сѐ уште функционираат лекторатите во Истанбул (Турција), Будимпешта (Унгарија), во Полска – Краков и Катовице, но во Варшава е згаснат. Во Србија постои лекторат во Ниш, а еден професор држи предавања по македонски јазик и култура и во Нови Сад, но нема лекторат во Белград. Во Бугарија, во Универзитетот во Велико Трново еден професор предава современа македонска книжевност, но сепак тоа не е на ниво на лекторат. Слично е и на Универзитетот во Тирана (Албанија), каде што една професорка полуофицијално држи настава на македонски јазик, но постојат реално поткрепени надежи дека таквата наставна практика може да прерасне во лекторат. Исклучително добро работат лекторатите во Париз (Франција) и во Риека и во Загреб (Хрватска). – За поконкретна афирмација на македонскиот јазик во светот, можеби би требало да земеме пример од начинот како го прават тоа земјите од соседството со своите национални јазици и култури.
Зашто лекторатите не се само настава туку претставуваат и културни центри. Во повеќе земји во соседството се формирани координативни тела за институтите во странство. Словенија на своите лектори им има дадено некаков вид дипломатски статус, односно словенечките лектори работат во рамките и ингеренциите на нивните дипломатски претставништва во странство. Можеби би требало да се размисли за таков принцип на работа на лекторите, зашто афирмацијата на македонскиот јазик во светот е конкретна дипломатија, применлива во секојдневниот живот – смета професорот на Филолошкиот факултет, Људмил Спасов.
Македонското малцинство во Хрватска е влезено во Уставот на земјата
Лекторатите по македонски јазик што функционираат во Хрватска се можеби најактивни. Тие на исклучително високо ниво ја афирмираат македонската култура надвор од границите на Македонија. Катедрата по македонски јазик во Загреб работи во рамките на Институтот за јужна славистика на државниот универзитет, а слично функционира и во Риека, под раководство на професорот Горан Калоѓера. Професорот во пензија Васил Тоциновски, кој шест години во лекторатот по македонски јазик и култура предавал пет предмети, вели дека во шест академски години наставата по македонски јазик ја посетувале 1.244 студенти, од кои дваесетина своите дипломски трудови избрале да ги работат на теми од македонскиот јазик, а неколкумина работеле и магистерски тези. Воопшто, малцинските права на Македонците во Хрватска се речиси идеално решени. Тоа го потврдува и Ангел Митревски, член на Советот на националните малцинства на Република Хрватска, како претставник на македонското малцинство.
– Македонското национално малцинство во Р. Хрватска е експлицитно наведено како едно од 22-те малцинства што заедно со хрватскиот народ се конститутивни елементи на хрватската држава во преамбулата на Уставот на РХ. Овој податок покажува дека статусот на македонското национално малцинство во РХ е толку позитивно добро решен што некои од нашите сонародници во соседните држави не можат ни да го сонуваат. Ова значи дека во согласност со Уставот на РХ, Уставниот закон за правата на националните малцинства и Уставниот закон за воспитување и образование на јазикот и писмата на националните малцинства, Македонците во РХ ги уживаат сите законски права што ги имаат и самите Хрвати – вели Ангел Митревски.
Меѓу другото, Македонците во Хрватска имаат право на: изјаснување на својата национална припадност, употреба на својот мајчин јазик приватно и службено, воспитување и образование на јазикот и писмото, употреба на своите национални симболи, право на изјаснување на својата верска припадност, право на културна автономија, која е и финансирана од државниот буџет, пристап до средствата на јавното информирање на јазикот и писмото со кое се служи, но само преку одредени емисии, учество на националното малцинство во јавниот живот преку советите и претставниците на македонското национално малцинство на локално и регионално ниво.
– Во Република Хрватска е донесена одлука дека со писмото и јазикот во официјалната комуникација можат да се служат само шест таканаречени стари малцинства, со постара традиција и постоење во РХ. Тоа се Италијанците, Србите, Словаците, Чесите, Унгарците и Русините, бидејќи тие постојат повеќе од 100 години во Р. Хрватска. На нивните лични карти е дозволена и двојазичност на целата територија на Р. Хрватска. Иако македонскиот јазик е службено влезен во образовниот систем на РХ, како изборен предмет и во свидетелствата на нашите деца што ја посетуваат наставата на македонски јазик и култура како изборен предмет е наведен Македонски јазик и култура, сепак тој не е официјален јазик на малцинство во Р. Хрватска, па со самото тоа ни во ЕУ – објаснува Ангел Митревски, член на Советот на националните малцинства на Република Хрватска и претставник на македонското малцинство во Сплитско-далматинската жупанија.