Во истражувањето за навиките во исхраната е вклучен и Институтот за јавно здравје, при што ќе бидат опфатени 270 домаќинства
Агенцијата за храна и ветеринарство, заедно со Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), од неодамна испитуваа како се хранат децата во Македонија на возраст од една до 9 години. Во истражувањето за навиките во исхраната е вклучен и Институтот за јавно здравје, при што ќе бидат опфатени 270 домаќинства.
– Во истражувањето, кое се спроведува во согласност со европската методологија за ваков вид истражување, а кое ЕФСА го спроведува неколку години во земјите-членки на Европската Унија, првпат, покрај навиките во исхраната за одредената категорија лица, и македонските традиционални јадења, како дел од националното мени, ќе станат дел од таканареченото ЕУ-мени – велат во АХВ.
Ова треба да обезбеди база на точни и веродостојни податоци за навиките во исхраната на децата. Собраните податоци се предуслов за процесот на процена на ризик и управување со ризик во земјата, како и неопходен елемент за идниот развој на активностите поврзани со исхраната и креирањето политика на исхрана.
Во периодот од октомври до декември 2018 година, во рамките на проектот беше реализирана првата (есенска) фаза на главното истражување.
Инаку, статистиката на ИЈЗ покажува дека 40 отсто од второодделенците имаат зголемена телесна тежина. Препораките на Светската здравствена организација се дека дебелината ако не се намалува, треба да стагнира. Нашите податоци велат дека имаме определено зголемување, тоа не е големо и значајно, но е зголемување.
Експертите за храна советуваат да се избегнува преработена храна, а сѐ што е преработка да не се јаде во количества што би надоместиле внес на овошје и зеленчук. Тие посочуваат оброците да се приготвуваат дома, а не децата да купуваат храна во училиште.
Порастот на дебели деца се должи на предолгото седење пред компјутер, јадење брза храна, богата и презаситена со сол и масти.
Во меѓувреме, образовните власти ќе го сменат Законот за основно образование во делот што предвидува часовите по физичко образование во одделенска настава да се одржуваат во присуство на двајца наставници – одделенскиот и предметниот.
Овој проект беше инициран од Факултетот за физичка култура, а „Нова Македонија“ го поддржа, бидејќи е голема општествена придобивка и е во насока на подобрување на здравјето на децата и намалување на деформитетите што се јавуваат во нивниот развој поради современиот начин на живот.