Новиот директор на Агенцијата за разузнавање (АР), Еролд Муслиу, е роден во Кичево во 1969 година. Тој го завршил Факултет за безбедност во Скопје како еден од најуспешните студенти. Муслиу по дипломирањето веднаш бил вработен во 1994 година во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање и постепено напредува по скалилото на хиерархијата како исклучително посветен и висок професионалец. Со формирањето на Агенцијата за разузнавање, тој преминува да работи како разузнавач.
Во периодот од 1993 до 1998 година работи во МВР, во Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (денешна УБК), каде што бил ангажиран на теренски активности од областа на контраразузнавањето како самостоен инспектор. Со отпочнување со работа на Агенцијата за разунавање во 1998 година, Муслиу преминува во Агенцијата и работи на теренски активности од областа на разузнавање на меѓународниот тероризам како виш и главен инспектор.
Од 2000 до 2007 година, Муслиу работи во рамки на Дирекцијата за оперативни работи на АР, ангажиран на теренски активности како помошник на директорот на Дирекцијата. Од 2007 до 2012 во рамки на АР, Муслиу раководи со Дирекцијата за разузнавање на меѓународниот тероризам и организиран криминал. Во 2012 година е прераспореден на позицијата советник на директорот на АР за меѓународна оперативна соработка. Од 2015 до денес, Муслиу работи како помошник на директорот на АР задолжен за координација на оперативните работи на Агенцијата.
За време на неговата работа во Агенцијата, Муслиу раководел со меѓународната оперативна соработка со партнерски служби во рамки на која активно учествувал и раководел со разузнавачки операции од регионален и меѓународен карактер.
Оженет е и татко на три ќерки. Тој е полиглот, зборува повеќе јазици, интелектуалец меѓу безбедносните професионалци, а за него високите претставници од пријателските безбедносни служби отворено во јавноста изразиле мислење дека тој е олицетворение на највисокиот формат на професионалец од областа на безбедноста и разузнавањето.