Избор на фирма што би го одржувала системскиот софтвер за електронските алки за следење на лицата пуштени од затвор или од притвор сѐ уште не извршен, а во меѓувреме се повторуваат забелешките за пренатрупаноста на затворите во земјава, како и за пречестото и за предолгото определување мерка притвор за осомничените и за обвинетите лица од страна на релевантни домашни и меѓународни институции и организации
Електронските алки, како долгонајавувана алтернативна мерка за обезбедување лица на кои им е изречен затвор или притвор, сè уште немаат примена во практика, бидејќи Управата за извршување на санкциите, која е надлежна за овој проблем, не може да најде фирма што би го одржувала системот за електронски мониторинг. Алките се набавени уште пред неколку години, но иако во јануари годинава беше распишана јавна набавка, истата таа е поништена бидејќи ниту една фирма, која би го одржувала системскиот софтвер, не се јавила. Во меѓувреме, се повторуваат забелешките за пренатрупаноста на затворите во земјава, како и за пречестото и за предолгото определување притвор за осомничените и за обвинетите лица од страна на релевантни домашни и меѓународни институции и организации. А доколку се погледнат искуствата на други држави кај кои пробациската служба функционира над дваесетина години, можат јасно да се видат предностите на овој систем.
Имено, во 2015 година беше донесен Законот за пробација, кој ги уредува пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки, кои предвидуваат носење електронска алка за следење.
– Врз основа на договор за набавка, потпишан на 1.12.2014 година, во 2015 година во рамките на ИПА-проектот 2010, ЛОТ 2 беа набавени 400 алки-трансмитери, ГПС, како и друга ИТ-опрема за извршување на алтернативните мерки и условниот отпуст. Обука за употреба на опремата и спроведување на електронскиот мониторинг завршија седум вработени во Управата за извршување на санкциите (УИС). Опремата за електронски надзор е посебна и специфична опрема составена од хардверски компоненти и системски софтвер. Одржувањето на опремата е многу специфично.
Одржувањето на софтверот и најголемиот дел на хардверските компоненти може да го врши исклучиво производителот на опремата. Опремата е функционална, но за да може да се користи е неопходно да се спроведе јавна набавка за одржување на истата таа. Во текот на 2018 година од страна на УИС се преземени низа активности за наоѓање решение за спроведување постапка за одржување на опремата во согласност со одредбите од Законот за јавните набавки. Одржани се состаноци како со Бирото за јавни набавки, така и со релевантни претставници од други институции што располагаат со слична специфична опрема, како што е Министерството за внатрешни работи, а исто така е обезбедено и мислење на нацрт-техничката спецификација за одржување на опремата од Националниот совет за ИКТ при Владата на Република Македонија, а во насока на наоѓање најсоодветно и најекономично решение во согласност со одредбите од Законот за јавни набавки – велат од Управата за извршување на санкциите.
Оттаму, напоменуваат дека во јануари годинава била распишана постапка за јавна набавка за годишно одржување и поддршка на софтверот за непречено функционирање на опремата за пробација, сопственост на Министерството за правда, УИС, но со оглед на тоа дека до крајниот рок за доставување на понудите не била доставена ниту една понуда, истата таа е поништена со одлука на директорот на управата.
Во моментов, велат од УИС, во тек се активности за наоѓање најсоодветно решение за спроведување постапка за одржување на опремата.
Електронскиот надзор обезбедува мониторинг и извршување на забрана од напуштање на живеалиштето или престојувалиштето на лицето на кое му е изречена алтернативната мерка притвор или затвор. Во нашата држава има вкупно девет пробациски канцеларии што се воспоставени и функционални. Тие се лоцирани во поголемите градови, а вкупно 26 пробациски службеници се вработени за извршување на пробациските работи.
Извршувањето на алтернативните мерки и обврски изречени во кривична постапка е за заштита на заедницата од криминал и ресоцијализација и реинтеграција на лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи.
Инаку, ако со судската одлука е определено дека куќниот затвор ќе се изврши со примена на електронски надзор, спроведувањето го врши Управата за извршување на санкциите (УИС). Опремата за електронски надзор на лицата што издржуваат куќен затвор им ја поставува пробациски службеник, кој ги дава потребните упатства за нејзино користење. Управата управува со опремата со која се следи движењето на осудениот и неговата местоположба во просторот, а доколку осуденикот го напушти своето живеалиште, без молба или без известување, тогаш пробацискиот службеник најпрво усно го опоменува осуденикот, а доколку тој не се придржува до забраната за напуштање на домот за тоа го известува судот, а потоа му предлага на судот заменетата казна затвор целосно да се изврши во казнено-поправна установа. За надзорот, пак, на условно отпуштеното лице, судот во решението ќе определи дали над условно отпуштеното лице ќе се применат мерки за примена на електронски надзор. Функционирањето на пробациските служби во сите земји каде што се воспоставени, покажува исклучително добри резултати во намалувањето на затворската популација и во подобрување на ресоцијализацијата на осудените лица.