Е-дневникот на ниво на држава не е во целост функционален од април годинава и оттогаш не е избрана нова фирма што треба да го администрира
Министерството за образование и наука не избрало фирма задолжена за администрирање на електронскиот дневник. Ова го потврдија оттаму, откако група професори од средното училиште „Михајло Пупин“ реагираа дека просветните инспектори утврдиле дека не пополнувале податоци во е-дневникот, а државата за тоа не обезбедила Интернет и услови. Е-дневникот на ниво на држава е нефункционален од април годинава, и оттогаш не е избрана нова фирма што треба да го администрира.
– Во моментов се работи на подготовка и почнување постапка за избор на компанија што ќе го администрира електронскиот дневник, така што очекуваме со почетокот на новата учебна година да се обезбеди и непречено функционирање на оваа алатка. Во врска со обезбедувањето Интернет во училиштата, преку јавна набавка се избрани компании што од април годинава ја реализираат оваа обврска и дистрибуираат интернет-сообраќај во основните и средните училишта и во студентските домови – информираат од Министерството.
Професори на училишта за средно образование, меѓу кои и неколкумина од „Михајло Пупин“, деновиве биле на едукација во Министерството за образование и наука, во врска со користењето на електронскиот дневник. Државните просветни инспектори утврдиле дека тие нередовно пополнувале податоци во електронскиот дневник. Но она што е апсурдно, како што велат професорите, е тоа што државата не обезбедила Интернет во училиштето и фирма што ќе го администрира е-дневникот, а во исто време бара од нив да ги исполнуваат законските обврски.
– Нема Интернет во училиштата, тендерот е пропаднат и нема фирма што се грижи за администрација. Ставот на инспекторите е дека требало да се снаоѓаме, но ние овде зборуваме за систем, а не за импровизации – велат професорите.
Во Министерството, во врска со информациите за нефункционалност на електронскиот дневник, за наводно бришење оценки, велат дека до нив досега не пристигнале известувања и реакции од корисниците на системот.
– Системот сам по себе не може да избрише податоци, без насоки од одговорните за негово ажурирање. Информираме дека пристап до лозинките на одредена ид-адреса имаат само наставниците, и тоа само за учениците на кои им предаваат одреден предмет или, со други зборови, на оние ученици за кои имаат надлежност да им пишуваат оценки, по проверка на нивното знаење. Инаку, кога станува збор за користење електронски системи, секогаш постои веројатност да се појават одредени предизвици, но како одговорна институција секако дека по детекцијата би пристапиле кон нивно надминување – додаваат во МОН.