Ексминистерот Горан Сугарески е нов директор на Царинската управа, на местото на Ѓоко Танасоски кој на денешната седница на Владата е разрешен од оваа должност.
Сугарески во претходниот владин состав беше министер за транспорт и врски.
На предлог на владината Комисија за именување, на денешната седница Кети Василеска, е именувана за вршител на должностa директор на Државниот управен инспекторат, орган во состав на Министерството за информатичко општество и администрација.
Зулфикар Зејнулаи, се именува за в.д. заменик на директорот во Дирекцијата за заштита и спасување.
Владата го разгледа предлогот на Управниот одбор на Јавната установа Национален Парк Галичица, Охрид, за разрешување на Васко Паскали од должноста директор на Установата по поднесена оставка поради извршување на друга функција и го разреши од должноста директор, на негово барање, и за вршител на должност директор на установата го именуваше Александар Миљовски.
Владата се информираше за оставката на Нехри Емрула од должноста директор на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија и заклучи да му препорача на Управниот одбор на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија да го разреши од должноста директор, а за вршител на должноста директор да го именува Дарио Николовски.
Владата го именуваше Исамедин Азизи, научен соработник – доцент во Институтот за национална историја, за член на Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.