Екскурзии оваа година нема да се организираат, испратени се упатства од Бирото за развој на образование, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање.
– Учениците може да имаат прошетка, движење, заедно со наставниците до пет километри. Од друга страна она што се случува од минатата година, зошто агенциите не ги вратиле парите, сметам дека има уредби, а Министерството за економија имаше препораки да се дадат ваучери коишто ќе може да се користат во наредниот период, и тоа сигурно се случило. Јас ги повикувам директорите на училиштата кои се одговорни за екскурзиите да ги викнат родителите и да најдат заеднички јазик на кој начин тие пари од лани ќе им бидат вратени. Годинава екскурзиите не се дозволени – истакна Царовска.
Прашана за барањето на родителите од Македонска Каменица за присуство на учениците во училиштата, Царовска го повтори ставот дека бојкотот на наставата е неконструктивен начин на искажување незадоволство од пандемијата.
– Во моментот кога бојкотираме настава само учениците губат од часовите, додека наша обврска како Влада, секако и обврска на општините, е да го штитат здравјето на граѓаните. Ако одлучила Комисијата за заразни болести дека навистина на овој начин е најдобро за заштита на здравјето јас ги повикувам сите ученици и сите наставници да се придружат на овој начин на изведување настава согласно препораките на Комисијата за физичко присуство и Комисијата за заразни болести – рече Царовска.