Инцидентот во ОХИС повикува на тревога
Последниот еколошки инцидент во ОХИС кога истече токсичниот метил акрилат, кој беше складиран во фабриката, ја отвори дилемата какви опасни материи се чуваат несоодветно во некогашните индустриски гиганти, кои со години не функционираат како такви или нивните некогашни погони се поделени на повеќе различни фирми, така што одговорноста тешко се лоцира, а заканата по здравјето на луѓето е постојано присутна.
Токму во кругот на ОХИС, според неофицијални информации, се чуваат 11 различни вида хемикалии што треба да бидат транспортирани и уништени во Швајцарија, но загрижува тоа што спакуваните хемикалии се оставени на забот на времето и инцидентите од овој тип не се исклучуваат и во иднина, доколку нешто не се преземе. Дополнителна грижа кај скопјани предизвика и сознанието дека во кругот на ОХИС се чува цистерна во која се наоѓаат 14 тони од опасната хемикалија винил хлорид, високоексплозивна материја, која во Европа не се употребува веќе 30 години и која ниту една фирма не сака да ја дислоцира, а која бара посебни услови за чување и која при евентуална хаварија може да предизвика катастрофа од несогледливи последици.
Според познавачите на состојбите, во Македонија постојат 16 локации на кои се складира опасен отпад што не е третиран на начин како што треба.
– Најголема опасност во однос на загрозување на животната средина и нашето здравје претставуваат 16 идентификувани жешки точки – жаришта како контаминирани локации на територија на цела држава каде што се фрлени големи количества опасен отпад, кој со децении е несоодветно складиран и со текот на годините ги контаминира почвите (преку дистрибуција на тешки метали), површинските и подземните води, како и воздухот преку дистрибуција на прашина – објаснува Славјанка Пејчиновска-Андонова, експертка за животна средина.
Таа додава дека државата треба да утврди динамика и приоритет со кој би ги третирала овие критични локации.
– Започната е процедура за одредени законски измени со кои ќе се регулира како да се постапува во контаминирани подрачја. Ние немаме практика за деконтаминација, но со користење странски искуства ќе се подобри и работењето во оваа сфера – нагласува Андонова.
Упатените во оваа проблематика велат дека опасностите по здравјето на луѓето и по животната средина што се кријат во круговите на фабриките зависат од видот и начинот на чување на отпадот.
– Опасноста е различна од хемикалија до хемикалија, а зависи и од начинот на кој таа се чува на одредено место – вели професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.
Според него, треба да се води сметка за тоа како се чуваат хемикалиите, особено оние што се опасни по околината и здравјето на луѓето. Токму истражувањата потврдуваат дека 91 отсто од опасниот отпад е складиран на локација на создавачите, а само девет отсто од опасниот отпад се рециклира, повторно употребува или преработува. Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека постојат стандарди и постапки при третманот на опасен отпад и дека тој, во согласност со овие процедури, ќе биде извезен од земјава и уништен. Инаку, последниот инцидентот во ОХИС, кој предизвика здравствени проблеми кај дел од околното население што се пожали на печење во грлото и солзење на очите, доби загрижувачки димензии и поради тоа што предизвикувачите самите не го пријавиле инцидентот, туку тој бил откриен откако граѓаните почнале да реагираат.
Сличен инцидент имаше пред нешто помалку од два месеца и во Велес, кога дури откако велешани почнаа да се жалат на дразби во грлото и печење на очите, се огласи велешката фабрика за масло „Благој Ѓорев“ и пријави дека во еден од нејзините силоси каде што се чувале пелети дошло до појава на пожар.
Министерот за животна средина Насер Нуредини, по паниката што траеше цел викенд, завчера изјави дека ситуацијата со ОХИС е под контрола, а не исклучи можност да биде побарана одговорност од раководителот на компанијата што ја спроведуваше постапката за отстранување на отпадот. За да се смири ситуацијата и да се намали загриженоста на граѓаните беа презентирани и неофицијални резултати од мерењата на акредитираната лабораторија од Штипскиот универзитет, добиени по телефон бидејќи официјален извештај сè уште нема, кои покажале присуство на опасната материја метил акрилат мономер во цевките на цистерната во ОХИС, но не и во воздухот.
– Податоците добиени од акредитираната лабораторија од Штипскиот универзитет во врска со инцидентот во ОХИС се неофицијални и ни беа соопштени телефонски за да можеме навремено да ја информираме јавноста, но истите податоци наскоро ќе бидат и официјални и потврдени со печат и потпис на овластеното лице – изјави Беса Патеши, портпаролка во МЖСПП.
Многу пожестоко реагираа екоактивистите, кои изразуваат зачуденост од неодговорниот однос на компанијата, која требало безбедно да го отстрани отпадот од кругот на фабриката и да го транспортира во странство, каде што требаше да биде уништен.
– Се работи за опасен отпад, кој претставува темпирана бомба за Скопје, ама тие не биле одговорни и не биле таму цело време, а притоа го добиле тендерот од два милиона евра за отстранување на истиот тој. Да не обезбедат 24-часовен мониторинг на локацијата е недопустливо. Да нема мерни инструменти поставени на локацијата, кои ќе вршат мониторинг на концентрациите на опасните супстанции, е исто целосно несфатливо – рекоа од граѓанската иницијатива „О2“.