„Единаесетти октомври 1941 е пресвртен момент во историјата на македонскиот народ. Востанието израсна врз вековното ослободително национално движење на македонскиот народ, врз искуствата на Карпошовиот непребол, востаничката Кресна и разловечкиот непребол, Гоцевиот хуманизам, илинденската епопеја и првата република на Балканот – Крушевската, врз социјалната и националната разбуденост на македонскиот народ и во услови на ’поробеност’ и обесправеност“. Ова го посочил Киро Глигоров, поранешен претседател на РМ, на општонароден собир во Прилеп во 1991 година, по повод 50 години од востанието, а е пренесено во книгата „Победничкиот истрел – 71-годишнината од утрешнината“ (автор Елизабета Митреска).
– Борбата ја понесоа на своите плеќи македонскиот народ и националностите што живеат заедно со него, зашто токму тој повик ги изрази неговите национални и социјални цели и стремежи. Токму во НОБ, македонскиот народ ги покажа високата национална зрелост и сенародното единство и ги надмина горчливите искуства на поделбите предизвикани од разни пропаганди и интереси што скапо го чинеа во Илинденското востание и потоа, во поделбата на ВМРО и во обидите за денационализација на македонската свест и чувство – посочил во својот говор во 1991 година тогашниот претседател Киро Глигоров.
И сега, по 78 години од востанието, факт е дека 11 октомври бил пресвртен момент во историјата на македонскиот народ, дека според зборовите на генерал-потполковникот Тодор Атанасоски (забележани во август 2012), важно е дека во Прилеп било објавено востанието и бил разбуден капацитетот на народот да се бори за Македонија.
Според историчарот Рубинчо Белчески од прилепскиот музеј, пред 78 години во Прилеп се случил првиот востанички истрел.
– Тој не бил само симболичен чин туку автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ да се истрае на балканската ветрометина и да се биде на страната на антифашистичката коалиција, сѐ до последниот ден на победата над фашизмот. Со нападот на бугарската полициска станица, на затворот и на телефонско-телеграфската мрежа, од страна на прилепските борци бил означен почетокот на првото победничко, на првото ослободително востание. Борците од НОБ го продолжија револуционерниот од на илинденците, а наедно ги реализираа стремежите за слобода на многуте македонски борбени генерации, низ вековите, а изразени преку многубројните буни и востанија, вклучувајќи го првиот Илинден од 1903-та, па преку вториот Илинден од 1944-та, АСНОМ, чии одлуки и решенија се со уставотворно значење и основа за таканаречениот „трет Илинден“, односно референдумот од 8 Септември 1991 година, преку кој се оствари вековниот сон за самостојна, независна и суверена држава – вели историчарот Белчески.
Прилеп денес го одбележува празникот со низа манифестации, меѓу кои и граѓанскиот марш до Могилата на непобедените, да се покаже дека 11 октомври е еден од најсветлите датуми во современата македонска историја, дека треба и мора да бидеме сплотени и дека не треба да се заборави жртвата на генерациите пред нас за слободна македонска држава.