Европската Комисија и Македонија денеска во Брисел ја парафираа спогодбата за соработка на граничните полиции, позната како Фронтекс 2, по повеќемесечни преговори.
Откако ќе стапи на сила овој договор, европските граничари ќе имаат поголеми овластувања и ќе можат да интервенираат на граничните премини, заедно со националните безбедносни сили. Фронтекс 2 има за цел да ги зајакне надворешните граници на ЕУ и да се бори против илегалната миграција, јави дописничката на МИА во Брисел.
– Откако договорот ќе стапи на сила, тимовите на Фронтекс со извршни овластувања ќе можат да вршат гранични контроли на граничните премини заедно со националните сили, ова ќе донесе значајна додадена вредност, изјави еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос.
Европската Комисија го поздрави продлабочувањето на соработката со земјите од Западниот Балкан, сличен договор се потпишува со Албанија, а се преговара и со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, каде се појавуваат нови бегалски рути, прецизираше македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
– Сето ова е потребно за да се справиме со миграциските предизвици истовремено зачувувајќи го слободното движење, истакна Аврамопулос.
За министерот Спасовски овој договор е резултат на посветеноста на Македонија за справување со илегалната миграција.
– Претходните години Македонија освен со внатрешна политичка криза се соочи и со големи предизвици од мигрантската криза, Македонија беше исправена пред тежок испит да се справи со внатрешни и надворешни предизвици, рече Спасовски, потенцирајќи го фактот дека Македонија е препознаена како стабилен партнер од страна на ЕУ.
Запрашан да ги појасни наводите на опозицијата околу изградбата на прифатен центар за странци и дали тој ќе биде бегалски камп, Спасовски истакна дека станува збор за преселување на стариот центар за странци каде условите се несоодветни.
– Станува збор за нов објект и преселување на центарот за странци кој се наоѓа го Гази Баба, центар за странци кој има многу мала површина и кој се наоѓа во многу лоши услови во кои што престојуваат странците коишто се баратели на азил, рече Спасовски.
Тој порача дека и извештаите на ЕУ и Народниот правобранител ги посочиле несоодветните услови во тој центар, и поради партнерскиот однос со ЕУ, и со европски фондови се гради нов центар за странци.
Објектот ќе биде сместен на површина од 70.000 квадратни метри, рече министерот, но дека објектот нема да биде 70.000 квадратни метри.
– Истиот центар, којшто се наоѓа сега во урбаната населба помеѓу куќи, згради, ќе го преместиме некаде на ново место надвор од градот каде што ќе има пристојни услови, рече Спасовски.
Спасовски додаде дека „само 70 бегалци побарале азил во Македонија“.
– Ние заедно со полициските службеници заедно со македонските службеници кои работат на јужната граница имаме една сериозна борба којашто ефектуира со спречување на илегалните мигранти. За разлика од минатата година, има зголемен број на оние коишто се обидуваат да ја преминат границата, меѓутоа добро сме поставени, заштитени и досега имаме вратено, односно откриено 4.700 мигранти коишто се обиделе нелегално да ја поминат границата, појасни македонскиот министер за внатрешни работи.
Еврокомесарот Аврамопулос, пак, потврди уште еднаш дека Европската Комисија не бара и не планира никакви бегалски кампови на територијата на Македонија.