Eврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија велат дека не се согласуваат со намерата за бришење на терминот „бугарски“ во формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, посочувајќи дека наместо бришење, би требало да се додадат термините „тогашен“ и „власт“, при што секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор би се именувалa како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“.
Во реакцијата се посочува дека бришењето на терминот за етничка припадност значи искривување на историската вистина.
„Денешна Република Македонија за време на Втората светска војна била поделена на две окупациони зони – Западна Македонија окупирана од Италија и Централна и Источна од Царска Бугарија, во кој дел живееле Евреите, кои биле депортирани од страна на бугарскиот окупатор, а не од италијанскиот окупатор“, се вели во реакцијата на Eврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од каде додаваат дека за да не дојде до погрешно учење на историјата, потребно е да се прифати предложеното дообјаснување кое ќе ги задоволи сите засегнати страни.
Исто така во реакцијата се посочува дека денешната модерна и демократска Бугарија, треба да го апсолвира фактот со своето минато дека била дел од Оската и директно учествувала во холокаустот на Евреите.
Во реакцијата се додава и дека за да ги изземе сегашните генерации и да ги ослободи од товарот на минатото, потребно е Софија јавно да се извини за постапките на Царска Бугарија и за окупацијата и депортацијата на Евреите од денешна Македонија.