Одбележани 20 години од формирањето на единицата за брзо распоредување
Единицата за брзо распоредување (ЕБР) при Министерството за внатрешни работи претставува клучна алка во остварување на полициските цели на безбедноста, овозможувајќи внатрешна сигурност и стабилност на државата, нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното обраќање на пригодната свеченост, по повод одбележувањето 20 години од формирањето на ЕБР, што се одржа во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ во Скопје.
Тој во своето обраќање истака дека на 23 август македонската полиција одбележува уште еден, исклучително значаен настан – 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување, која како организациона структура темелно е позиционирана во нашиот систем на полициско функционирање и дејствување.
– ЕБР претставува клучна алка во остварување на полициските цели на безбедноста, а тоа е заштита на сигурноста, слободите, правата, материјалните добра на граѓаните, како и заштита на правниот поредок, на јавниот ред и мир, овозможувајќи внатрешна сигурност и стабилност на државата. Сите нејзини припадници од 2001-та година, кога е формирана Единицата, па сѐ до денес, преку своите активности, трансформации, вложен труд, врвни обуки, професионализам и постигнати видливи резултати, сето тоа недвосмислено го докажаа и покажаа, овозможувајќи оваа полициска организациона единица да биде она што е денес: суштински неопходна полициска формација, особено во делот на она што значат посебни и специјални полициски задачи и области на делување во оној севкупен концепт на европски полициски систем на безбедност, кон кој што целиме и интензивно го градиме во изминативе неколку години – потенцираше Спасовски.
Пред присутните се обратија и премиерот Зоран Заев и командантот на ЕБР, Вице Столески. Заев во обраќањето потенцира дека досегашните резултати на Единицата и на сите нејзини припадници се вградени во актуелниот статус што македонската полиција го ужива како признаен и респектибилен партнер на граѓаните.
– Единицата за брзо распоредување, позната како ЕБР, за само две децении израсна во суштински неопходна полициска формација, примарно во делот на она што значат посебни и специјални полициски задачи и области на делување. Како еден од суштинските полициски механизми на безбедносниот систем, ЕБР отворено и динамично ги прифати сите неопходни реформи и трансформации и денес е еден од носечките столбови во севкупниот полицискиот систем на функционирање. ЕБР денес е високопрофесионална единица, соодветно прилагодена на потребите и целите на полициското работење со континуирано изразена подготвеност за нови знаења, вештини и уште повисоки дострели. Во непосредно изминатиот период бевме сведоци кога должноста да заштитат и да им служат на граѓаните и на заедницата, членовите на ЕБР ја покажаа на најсилен начин за време на пожарите кога во рамките на севкупниот систем за заштита и спасување се втурнаа во справување со огнената стихија и презедоа и учествуваа во неколку спасувачки акции – рече Заев.
Тој нагласи дека посветеноста и подготвеноста на Единицата за брзо распоредување е збир од поединечната посветеност на секој припадник на оваа единица кои достојно ја носат униформата која е синоним за крајно високи вештини и етика.
– Заради сите овие постигнувања во текот на изминатите 20 години, убеден сум дека ЕБР ќе продолжи и во наредните децении да се развива како високо мотивирана, врвно организирана и професионална служба, која, заедно со сите останати сегменти на нашиот безбедносен систем, ќе биде гарант за јавниот мир и за безбедноста на граѓаните според моделите на сродните европски полициски единици – додаде Заев.
Со едноминутно молчење им беше оддадена почит на сите загинати припадници на ЕБР, чија храброст и жртва при извршување на полициските задачи никогаш нема да бидат заборавени. Јубилејни плакети, меѓу другити, им беа доделени на министрите Спасовски, Радмила Шекеринска, Венко Филипче, Фатмир Битиќи, Љупчо Николовски, како и на државната секретарка во МВР Магдалена Несторовска.