Пред зградата на општината Гостивар од вчераутро знамињата се наоѓаат на половина јарбол во знак на жалост и почит за 14-те загинати во стравотната сообраќајна несреќа, која завчера во попладневните часови се случи на автопатот Скопје – Тетово, кај селото Ласкарци.
На комеморативната седница на Советот на општината Гостивар, на која присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министри, пратеници, претставници на политичките партии, гостиварци и други гости, со едноминутно молчење им беше оддадена на 14-те загинати и беше усвоена одлука за тридневна жалост на општината Гостивар.
– Загубата е тешка, но уште е потешка ако вакви настани ни се повторуваат. Ова е поука секојпат да бидеме внимателни, нека ни биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме и секојпат да си укажуваме на вакви моменти, затоа што животот е краток, многу брзо пропаѓа. Нека животот исполнет со моменти на среќа и радост, а не со тага – рече меѓу другото во обраќањето шефот на државата Ѓорге Иванов.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, на гостиварци им вети дека лично ќе се ангажира за да се откријат причините за сообраќајната несреќа. Наедно, вети дека на повредените ќе им се даде секаков вид нега за побрзо да заздрават од повредите.
– Најстрашната болка во моето дваесетгодишно работење како лекар ја доживеав по оваа тешка сообраќајна несреќа во која загинаа 14 мои сограѓани и 30 потешко и полесно беа повредени – рече гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари и истакна дека му се моли на бог да ги прости и дека сега се во сигурни раце.
По завршувањето на комеморативната седница беше отворена книга на жалост во која се потпишаа претстраници на државниот врв и другите присутни граѓани.