Собранието на Република Македонија денеска ги донесе измените и дополнувањата на законите за судови, за прекршоци и за управни спорови кои се дел од реформските закони во правосудството.
Законите се со европско знаменце и беа донесени со двотретинско мнозинство без ниту еден глас против и воздржан.
Опозицијата во текот на расправата истакна дека со прифатените амандмани во голема мера е подобрен текстот на сите три закони, но изрази жалење што не е решен проблемот со унапредувањето на вработените во судската администрација.
Владејачкото мнозинство оцени дека се работи за квалитетни решенија, а во однос на Законот за прекршоци истакна дека е направено суштинско намалување на казните и глобите и е намален рокот за застареност од три на две години.
Трите законски решенија беа донесени во рамки на 88-та собраниска седница.