Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која денеска му предаде на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски донација од возила наменети за Единицата за службени кучиња при Министерството.
Спасовски истакна дека овој проект како суштински битен за проблематиката што ја опфаќа контролата на малото и лесно оружје и муниција има за цел да ги зајакне капацитетите на Министерството, но паралелно со тоа и да се етаблираат нови знаења, вештини и практики во насока на зголемување на професионално-оперативните стандарди.
– Со амбасадорот Која еднодушно констатиравме дека со овој проект се отвораат реални и нови можности уште поквалитетно да се справуваме со ризиците од пролиферација на оружјето, што како феномен денес во современиот свет, во услови кога организираниот криминал ги има надминато националните граници, преставува еден од најголемите безбедносни предизвици, не само за нашата држава на локално ниво, туку е сериозен глобален предизвик во напорите за зачувување и зголемување на безбедноста – нагласи министерот Спасовски.
Заблагодарувајќи се за досегашната извонредна и доследна поддршка и партнерство на мисијата на ОБСЕ во Скопје, манифестирана преку низа заеднички реформски активности во изминативе години, министерот Спасовски посочи дека конкретниот проект, чијшто дел е донацијата, веќе етапно се реализира од март годинава, при што целосно треба да биде имплементиран до 2023 година, со финансиска рамка од околу 3,7 милион евра.