Според свештениците, почетокот на зимските слави веќе почна со празникот Света Петка, кој се празнуваше кон крајот на минатиот месец. Денеска го одбележуваме Митровден, во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски. На 21 ноември следува Архангел Михаил, потоа почнува божиќниот пост, а со тоа и времето за посните слави. Македонските верници масовно го слават и Свети Никола на 19 декември
Со Митровден, слава што се одбележува на 8 ноември секоја година, се смета дека почнува периодот на зимското прославување на светителите како домашни слави меѓу македонските верници. Речиси секое второ семејство во земјава овој период од годината има домашна слава или именден, кој го слави во кругот на блиските и пријателите. Во последно време се случува некои луѓе славите да ги прославуваат и во ресторани, пред сѐ, поради практични причини.
Теолозите, пак, истакнуваат дека одбележувањето на домашниот празник или славата, претставува начин на прославување на светиите, како што практикува и македонскиот православен народ во неговата традиција и црковно живеење. Сметаат дека тоа треба да се негува како духовен белег на македонскиот народ и држава.
Отец Бобан Митевски, свештеник од Македонската православна црква – Охридска архиепископија вели дека славите што претстојат во следниот период, односно во месеците ноември и декември, се прославуваат најмасовно од православните верници.
– Почетокот на зимските слави веќе почна со празникот Света Петка, кој се празнуваше кон крајот на минатиот месец. Денеска го одбележуваме Митровден, во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски. На 21 ноември следува Архангел Михаил, потоа почнува божиќниот пост, а со тоа и времето за посните слави. Македонските верници масовно го слават и Свети Никола на 19 декември – објаснува отец Митевски.
Според него, верниците треба да внимаваат на тоа славите да ги празнуваат во духот на православието, односно ако славата се паѓа во среда и во петок да се одбележува со посна трпеза, исто како што тоа треба да се прави за време на постот.
Закрилник на целото семејство
Секој верник има различен приод во изборот кој светител ќе го земе за свој закрилник, за домашен празник – слава. Некои го земаат оној светител, чие име го носат. Но, некогаш за домашна слава се зема и кога денот на крштението се совпаѓа со денот на празникот, затоа што крштението во православната црква е духовно раѓање, па, наместо роденденот, христијанинот го слави духовното раѓање, односно духовниот роденден, и затоа ќе го земе за свој покровител светителот што е на тој ден.
– Може да се празнува името на светителот кому му е посветен храмот или некој манастир во близината каде што живееме, а може да се земе за домашен празник тој светител, кому некој од нашите предци му изградил храм, па тоа останало во семејно наследство. Најпосле, некој може да го земе за семеен заштитник и домашен празник светителот или светителката што во одреден момент од животот очигледно му помогнале, односно го излекувале, го спасиле од несреќа, го предупредиле за некоја несреќна случка – објаснуваат теолозите.
Се слави смртта на светителот
Според теологот Ратомир Гроздановски, професор на Богословскиот факултет во Скопје, значајно е да се каже дека денот кога се прославуваат светиите, тоа не е денот на нивното раѓање, туку денот на нивната смрт.
– Во Црквата, светителите се прославуваат на нивните умрендени, а не на нивните родендени. Тоа е така зашто од смртта започнува нивното пројавување на светоста, затоа што смртта, според учењето на православната вера, значи раѓање за вечноста. Гробот е врата низ која се мине од овој во вечниот живот. Смртта значи раѓање, па затоа и тој умренден е и прослава на светителот. Особено значајно е и тоа дека тие умрендени се прославуваат за сите светии, а православната црква прославува родендени само на три личности, како Господ Исус Христос, Богородица и свети Јован Крстител.