Јазикот е хранител на еден народ. Додека народот го љуби, си го почитува својот јазик, со него се служи, зборува, пишува, го чува, негува, прочистува, дотогаш живее
и тој народ… Луѓето, негувајќи го својот мајчин јазик, меѓусебно можат најдобро да се разберат, да црпат енергија што настанува преку заемното јазично разбирање, може умно да се соединуваат, да се поттикнуваат и развиваат во насока на национален
просперитет и благосостојба… Нашиот мајчин јазик е македонски
Денешниот 21 февруари, во 1999 година, од УНЕСКО е прогласен за Меѓународен ден на мајчиниот јазик, за во 2000 г., овој датум да биде промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност. Во пресрет на Денот на мајчиниот јазик, во неколку институции во земјава, меѓу кои и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ беа организирани активности за негово одбележување, но овој ден во јавноста поттикна и дебата, колку е заштитен (или загрозен) македонскиот јазик како мајчин јазик и официјален мнозински јазик во Македонија, во овој миг, по низата турбулентни промени од политички карактер изминатите години.
Таквите политички (законски) промени во Македонија со преименувањето на државата создадоа своевиден вител за можна злоупотреба и во дефинирањето и именувањето на македонскиот јазик во државата и надвор од неа. Во таа насока, и покрај тврдењата дека македонскиот јазик е зацементиран и покрај преименувањето на државата и Преспанскиот договор, во минатото имаше случаи кога истиот тој се именуваше како северномакедонски, што е груба повреда не само врз македонскиот јазик туку и врз националното чувство за самоидентификација како македонски народ. Во таа насока токму меѓународниот ден на одбележување на мајчиниот јазик е вистинскиот момент уште еднаш да се посочи на предизвиците и искушенијата со кои се соочува македонскиот јазик.
– Живееме во време на политичка загрозеност на македонскиот јазик, благодарение на договорите потпишани со Р Бугарија и со Р Грција. Со првиот се негира постоењето на македонскиот јазик како стандарден јазик, а се проблематизира и неговото именување како „македонски“. Со вториот договор, пак, оној со Р Грција се стеснува јазичната територија на македонскиот јазик и неговото простирање завршува на самата граница со Р Грција. Со Законот за употреба на јазиците, пак, се воведе двојазичност на целата територија на Република Македонија, при непостоење на таква реалност. Односно не постои двојазичност: зашто Македонците знаат и зборуваат само македонски, а Албанците само албански, при што албанскиот стана втор службен јазик во, речиси, чисто македонски јазични средини – ја оценува актуелната состојба на македонскиот јазик во Македонија, професорката Елка Јачева-Улчар, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Иако при потпишувањето на договорите за добрососедство и пријателство, и при промената на уставното име на државата, македонските политичари уверуваа дека целосно е заштитен македонскиот јазик (и идентитет), сепак во практичната домашна и меѓународна употреба постојано се соочува со предизвикот на конструирано именување со додавката во новото име на државата, односно како „северномакедонски“. Навистина, во Преспанскиот договор, формално е наведено дека јазикот останува македонски, (дури е издаден и прирачник за употреба на јазичните форми со новото име на државата од секојдневието при примена на „упатствата“. Па, така, честопати, дури и официјалните институции во Македонија, „политички прекоректно“ ја употребуваат придавката „северномакедонски“, додека во странство по логика придавката ја изведуваат од целото име на државата. Но „политичката коректност“ и понатаму не е единствениот загрозувачки момент во статусот на македонскиот јазик како мајчин јазик во Македонија.
– Ако ги тргнеме настрана овие политички креирани загрози за македонскиот јазик, она што е реална закана за македонскиот јазик е сè помалиот број родени говорители на македонскиот јазик, како и огромното влијание што во ерата на глобализацијата го има англискиот јазик врз младите Македонци. Поразувачки е фактот што просечната оцена за матурскиот испит по англиски јазик, со години на ред, е за повеќе од единица поголема од онаа за испитот по македонски јазик. Како држава правиме многу малку на овој план, а за да се надмине оваа алармантна состојба, покрај подобрување на економската состојба во земјава, која ќе го забави процесот на одлевање на младите надвор од државава, потребно е донесување на една стратегија со која ќе бидат опфатени младите Македонци од најмалата возраст, преку образованието до науката – вели професорката Јачева-Улчар.
Професорката Билјана Ванковска по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, низ една различна диоптрија, отвора еден друг хоризонт, а имено за „осознавање на светот преку македонскиот јазик“. Во својата порака на социјалните мрежи таа „ја смирува“ сензитивноста на Македонците по ова прашање и препорачува да се излезе од етноцентричното гледање на нештата.
– Можеби не е лошо малку да ја смириме хистеријата околу Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Тоа не е Меѓународен ден на македонскиот јазик, туку ден воведен од УНЕСКО чија намера е подигање на свеста за лингвистичкиот и културен диверзитет и мултилингвалност. Македонците си имаат свои „денови“, како и Албанците, па и другите заедници… Ајде малку да излеземе од „кутијата“ на националното и етноцентрично гледање на нештата. И подобро ќе беше да се посветевме на правописот и граматиката, кои ако се ценат според јазикот кој го користиме секојдневно, не ни се јака страна… Јас „денот“ го разбирам како можност на нашите деца (па и на возрасните) да им отвориме хоризонти и подготвеност да научат дека светот го осознаваме најнапред преку мајчиниот јазик, но дека не е доволно да се знае само тој јазик. Една стара изрека вели: колку повеќе јазици знаеш, толку повеќе вредиш! – напиша професорката Билјана Ванковска на социјалните мрежи, по повод Денот на мајчиниот јазик.
Зошто 21 февруари е Ден на мајчиниот јазик
Датумот е избран во спомен на трагичен настан и во чест на студенти од Универзитетот во Дака, кои како учесници на бенгалското јазично движење биле убиени од полицијата на протест на 21 февруари 1952 г. Протестот бил против одлуката на Владата на новоформираната држава Пакистан во 1948 г. – урду да стане единствен официјален јазик во земјата, која била поделена на голем број етнички и лингвистички групи, а најголем број од жителите биле Бенгали со бенгалски мајчин јазик.
Во последните три века изумираат или драматично се намалува бројот на јазици, особено на американскиот и на австралискиот континент. Покрај Меѓународниот ден на мајчиниот јазик (21 февруари), се одбележува и Денот на европските јазици (26 септември). Во 1998 година стапи во сила Европската повелба за заштита на регионалните и малцинските јазици со која, исто така, се истакнуваат лингвистичката разновидност и повеќејазичноста.