Под сенката на шаторите во селото Нивици во Мала Преспа, вчера министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, го потпишаа договорот со кој, според нив, треба да биде решен долгогодишниот спор за името на Република Македонија.
Со договорот, чиј целосен наслов е Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните, се предвидува име ерга омнес (за севкупна употреба и измени во Уставот што треба да ги запечатат договорените измени) за нашата земја, односно „Република Северна Македонија“. Договорот беше потпишан и од долгогодишниот посредник на ОН во преговорите за овој спор, Метју Нимиц, кој присуствуваше на церемонијата во Преспа, и на грчка и на македонска страна.
Без интонирање на химните, но поддржани со аплауз, на церемонија во Мала Преспа премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, пред шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и потсекретарката за политички прашања на ОН Розмари ди Карло, и пред своите делегации, настојуваа да ги истакнат „историската важност на овој договор и очекуваните перспективи за земјите и за регионот што се отвораат со него“.
– Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид, кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите – нагласи премиерот Заев. Тој во свое име изрази надеж дека со договорот за Македонија се отвораат европските перспективи и се доближуваат европските вредности.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас, пак, како домаќин ги пречека македонската и меѓународната делегација на потпишувањето на договорот во Нивици.
– Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор, кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народа – истакна грчкиот премиер. Меѓутоа, наспроти ваквата реторика, во својот говор Ципрас отворено изјави и дека постоеле времиња кога од овие простори си „заминувале“ луѓето, се пееле тажни песни. Иако потоа веднаш се надоврзаа дека сега дошло времето за заеднички песни, контекстот на ваквата изјава е своевидна потврда за страдањата на локалното население во Нивици и на поширокиот простор.
Европските претставници веќе нѐ нарекуваат „Северна Македонија“
По потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција во Нивици, учесниците на церемонијата се упатија по езерски пат во Отешево, на ручек на македонската страна. Таму, во Отешево, еврокомесарот Јоханес Хан прв го употреби името што се наведува во договорот – „Северна Македонија“.
– Ова е историски ден затоа што граѓаните на идната „Северна Македонија“ заслужуваат европска иднина – рече Хан.
За високата претставничка за надворешна политика и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, потпишувањето на договорот дава силен прилог за добивање датум за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
– Европската комисија веќе даде препорака за почеток на преговори на Македонија со ЕУ, и лично се надевам дека за две недели ќе има датум, а денешното потпишување на договорот меѓу Македонија и Грција е позитивен сигнал – кажа Могерини по церемонијата на потпишувањето на договорот.
Таа кажа дека сега двете земји имаат работа за да го имплементираат договорот и дека ЕУ ќе биде тука при секој чекор, бидејќи имплементацијата не е важна само за двете земји, туку и за Европа.