Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја достави до Уставниот суд Иницијатива за оценување на уставноста на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридорот 10 Д, со посебен предлог за издавање времена мерка за стопирање на неговата примена, се додека судот не се произнесе.
Од ДКСК оценија дека законот е со висок ризик за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Од Антикорупциска сметаат дека донесениот закон и примената на одредбите во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.
Пратениците го донесоа законот, кој веќе е објавен во Службен весник, во скратена постапка.
Со предложеното законско решение се уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола), како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.
Претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот за прогласување на законот, и покрај забелешките на Антикорупциската комисија.
Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски изјави дека Владата има план „Б” доколку законот биде оспорен пред Уставен.