Потребно е да се упати јасна порака до граѓаните дека европската перспектива на државите од Западен Балкан е јасна, предвидлива и остварлива и дека ЕУ е сериозна кога зборува за проширувањето, порача вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, на средбата со Андреас Шидер, европратеник и копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ за Северна Македонија.
На средбата, како што соопштија од кабинетот на Димитров, била изразена благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Европскиот парламент на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што вицепремиерот Димитров се осврнал на Резолуцијата на ЕП за Северна Македонија, што ги отсликува постигнатите реформи и демократските процеси на земјата и содржи позиција дека билатералните прашања не треба да го блокираат процесот на пристапување.
Притоа Димитров нагласил дека неодложно е потребно постигнување консензус за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ заради доследно спроведување на одлуката за почеток на пристапните преговори.
– Ги цениме заложбите на Европскиот парламент и вашите лични заложби за што побрзо официјално почнување на пристапните преговори, процес што мора да се одвива во европски дух, со почитување на европските вредности како основи на процесот. Успехот ќе значи дека и ЕУ ги реализира своите одлуки и ќе даде поттик за продолжување на реформите и јакнење на демократските институции не само во Северна Македонија туку во целиот регион – истакна Димитров.
Тој изразил цврста заложба за натамошна посветеност на реформите што се дел од ЕУ-агендата не само заради натамошен напредок во евроинтегративниот процес туку, пред сѐ, заради подобрување на секојдневниот живот на македонските граѓани преку пренесување на европските стандарди дома.