Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на Конференцијата на ОБСЕ на високо ниво посветена на „Доброто владеење и борбата против корупцијата во дигиталната ера“, во организација на албанското претседавање со Постојаниот совет на ОБСЕ, којашто се одржува онлајн на 6 и 7 јули.
– Понекогаш знаеме да ги бараме проблемите кај соседите. Но вистинскиот противник не е таму. Вистинскиот противник е заеднички, корупцијата, и во овој поглед потребно е да работиме заедно и обединето – истака Димиров.
Во присуство на министри и други високи претставници на земјите-учеснички на ОБСЕ, министерот ја реафирмираше определбата на Владата за борбата против корупција, како клучна за враќањето на довербата на јавноста во правната држава и демократијата. Притоа, истакнувајќи ги постигнувањата во изминатиот период, посебен акцент стави на воспоставување на порталот „Отворени финансии“ кој овозможува увид во преку 17 милијарди финансиски трансакции на буџетските корисници на централно и локално ниво, укажувајќи на одличен пример како дигиталната технологија може да придонесе кон зголемување на транспарентноста, интегритетот и доброто владеење.
Конференцијата, посветена на оваа многу значајна тема за сите земји учеснички во ОБСЕ, ја отворија актуелниот претседавач, Претседателот на Владата и МНР на Албанија Еди Рама, Генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер и министерката за правда на Република Албанија Етилда Ѓонај. Министерот Никола Димитров се обрати на панелот на високо ниво, на кој говореа и МНР на Извршниот директор на Канцеларијата на ОБСЕ за дроги и криминал (UNODC) г-ѓа Гхада Фати Валу, МНР на Обединетото кралство, како и други министри за надворешни и за правда.