Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во македонското средно стручно образование речиси две децении нема учебници по мноштво стручни предмети. И тоа учебници нема не затоа што се потрошиле или некој не ги вратил, туку бидејќи воопшто и не се напишани. Какво знаење ќе стекнат овие деца кога немаат книги од кои ќе учат

ИСТРАЖУВАЊЕ: ИМА ЛИ СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ БЕЗ СТРУЧНА ЛИТЕРАТУРА (1)

Во македонското средно стручно образование речиси две децении нема учебници по стручни предмети. Цели генерации завршуваат со своето школување учејќи од диктати на професори, од препишани дефиниции, теми, задачи или формули на табла, од прирачници, скрипти или некакви преводи.
Проблемот е метастазиран до тој степен што од 12 предмети во прва година, нема учебници по дури 7-8 стручни предмети во дел од училиштата. И тоа учебници нема не затоа што се потрошиле или некој не ги вратил, туку бидејќи воопшто и не се напишани.

Предметот постои, но учебник по него нема. И така речиси две децении.
Какво знаење ќе стекнат овие деца кога немаат книги од кои ќе учат. Единствено нешто на што можат да се потпрат е она што ќе им остане во глава и ќе успеат да запаметат на час од предавањето на наставникот. Од друга страна, на што можат да се потпрат и каква тежина имаат и ваквите предавања без учебници по најважните предмети.

Какви идни инженери, медицинари или друг вид академски граѓани ќе произлезат од нив кога базата од средно им е ничкосана до тој степен што се без основна стручна литература, книги и помагала. Во меѓувреме сите досегашни анализи покажуваат дека на македонското стопанство и економија ии требаат токму добро обучени и квалификувани кадри од средните стручни училишта, кои потоа брзо ќе можат да се вклопат во производствените и технолошките процеси. Но можно ли е тоа без книги како првичен и основен алат во нивната наобразба и насочување по завршување на основното образование.

„Нова Македонија“ се нафати да го истражи овој децениски проблем, преку сеопфатни анализи и контакти со сите надлежни тела во државата, училишта, министерства, државни институции, Бирото за образование, совети на родители, но и странски агенции и невладини организации во чиј делокруг е образованието. Се разбира, целта не е само дијагноза на проблемот туку наоѓање предлог-решенија. Побаравме одговори и на прашањата зошто досега никој не се нафатил сериозно да го реши овој проблем, зошто на конкурсите за пишување учебници не се јавуваат автори, дали и колку се вреднува авторскиот труд на професорите што ги пишуваат итн.
Повеќето од соговорниците упатени во стручното образование се согласни дека ученикот во стручното образование е најважно практично да се оспособи за работа во струката, но без учебници во текот на четиригодишното образование е недозволиво да се функционира.

Родител на ученик од прва година во средно училиште што образова кадри од електрострука и информатички технологии бил фрапиран кога се обидел да ангажира некого да поработи со неговото дете за повисока оценка.
– Викнавме стручно лице, но прво што праша е да ја види книгата од каде учи или збирка и примери со задачи за да може полесно да му ја објасни материјата. Сепак се работи за стручни предмети, каде што една бројка или ознака во поставување на задачата може многу да промени. Но кога му кажавме дека нема ниту книга ниту збирка задачи, туку само листови од тетратка на забелешки препишани од табла, помисли дека се шегуваме. Без учебник не се станува стручен по ништо и на овој начин само ќе го упропастат детето и ќе ја изгуби волјата за учење, беше неговиот коментар – ни раскажа родителот.

Во потрагата по одговори на посочените проблеми се обративме до сите средни стручни училишта на територија на градот Скопје.
Во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ учениците во трет степен, односно оние што се запишани во тригодишно образование, немаат учебник по ниту еден предмет. Таква е паралелката ЕВН, која функционира веќе неколку години, а во која средношколците работат со прирачници. Има учебници од Австрија што можат да се користат, но не смеат, бидејќи за еден учебник да се користи во наставата, мора да биде одобрен и да ги помине сите филтри во согласност со македонските закони.
– Проблемот со недостиг од учебници не е од сега, тој трае повеќе од 10 години. На насоката електроника и телекомуникации има само четири учебници. Енергетика имаат само еден учебник, а недостигаат најмалку пет или шест. На насоката компјутерска техника и информатика имаат само два учебника. Учебници по општообразовните предмети не недостигаат, ги имаме сите. Ова е проблем што постои многу долго време, професорите диктираат, користат прирачници или друга литература, или, пак, ги упатуваат децата да учат од Интернет. Пробуваме ова да го решаваме, добро би било да се најде начин за стручните паралелки, да се преведат учебници или да се направат прирачници. На тоа работиме – ни изјави Димитар Ѓорѓиев, директор на училиштето.

Во меѓувреме сите досегашни анализи покажуваат дека на македонското стопанство и економија им требаат токму добро обучени и квалификувани кадри од средните стручни училишта, кои потоа брзо ќе можат да се вклопат во производствените и технолошките процеси. Но можно ли е тоа без книги, како првичен и основен алат во нивната наобразба и насочување по завршувањето на основното образование. Истражувањето на „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе понуди одговори на сите овие прашања

Според директорот, професорите не се доволно мотивирани да се јавуваат на конкурсите што ги распишува Министерството, заради тоа што се работи за голем труд, а мал тираж и мал хонорар што го исплаќа државата за авторски труд.
– Мислам дека на професорите не им се исплати да го прават тоа – додава директорот.
Но проблемот со немањето стручна литература е присутен и во медицинските училишта. Хематологија, Паразитологија, Клиничка хемија, Интерна медицина, Педијатрија.. се само дел од предметите по кои нема учебници во медицинската струка. За да можат професорите да го предадат материјалот, а учениците да можат да го усвојат, учат од диктати, од прирачници и скрипти. Учебници нема бидејќи нема кој да ги напише, а и да има, авторите не се пријавуваат на конкурсите затоа што се демотивирани поради нискиот хонорар што го дава државата за оваа намена.
Иста е ситуацијата и во другите стручни училишта. Во „Владо Тасевски“ по предметите по кои нема учебници на часовите се диктира или, пак, учениците се упатуваат на учебници во електронска верзија или, пак, да бараат податоци на Интернет. Најголем проблем имаат професорите што предаваат повеќе стручни предмети.
Миле Јованов, директор на Здружението на информатичари, смета дека е вулгарен процесот на набавка на учебници во Македонија.

– Ако некој професор напише учебник по информатика, тој за кратко време ќе застари. Од друга страна, навистина се многу малку платени авторите за нивниот труд, што е голема демотивација. Со парите, кои доцнат и по две години и се околу 2.000 евра, треба да се платат лектор, техничка подготовка, илустратор и плус во нив е и авторскиот хонорар. Но и времето за пишување учебник е кратко, па затоа тие се неквалитетни – вели Јованов.

Според Вања Велева, директорката на Педагошката служба, проблемот со недостиг од учебници е системски и вината за тоа не треба да се бара во една институција.
– Наставниците и професорите не смеат да користат преводи од странски автори. Во таков случај не се знае дали тој материјал соодветствува со наставната програма. Сепак, тоа е нешто што мора да помине низ филтер. За предметите за кои нема одобрено учебник, наставниците треба да бидат креативни и да најдат начини како да го предадат материјалот. Во Центарот за стручно образование има советници што вршат увид во нивната работа и тие им посочуваат на наставниците и професорите кои ресурси можат да ги користат – вели директорката.

Како што објаснува таа, причината за тоа што не се јавуваат автори на конкурсите за изработка на учебник не е само во тоа што е деградиран интелектуалниот труд на авторите туку и тоа што нема доволен број стручњаци по одредени области.
– Имаме недостиг од автори за учебници од текстилната струка, од здравствената, кожарската струка, сообраќајната. Компјутерски науки – тоа е област што постојано напредува, а нема учебници. Ние како педагошка служба не можеме да распишеме конкурс за изработка на учебник, додека не се донесе наставен план и програма за конкретен предмет. Наставната програма ја подготвува Центарот за средно стручно образование, бидејќи таму има советници за сите профили. Откако ќе ги достават до Педагошката служба, се распишува конкурс за изработка за нов учебник – информира директорката. А.П- А.Д.

(продолжува)

Фото: Игор Бансколиев