Ако во 2010 година имало 24.296 родени деца, минатата година таа бројка паднала на 21.333, што е намалување за 2.963 деца. Покрај малиот број новородени деца, расте и бројот на оние што се иселуваат. Но метежот во градинките за упис на дете не се намалува. Експертите велат дека таквата состојба во градинките е поради менувањето на животните навики на младите брачни парови и поголемото вклучување на жената во работен однос
Родители од многу општини во земјава изминатиот период мака мачат да си ги запишат децата во градинка. Листите на чекање деновиве постојано се зголемуваат, а на нив има и до 800 деца за упис во градинка во една општина. Надлежните велат дека капацитетите се исполнети до последно место, но и дека ваквата состојба е непроменета со години. Веќе имаат направено систем како во текот на една година, етапно да ги примат сите деца од листата на чекање во градинките.
Статистичките податоци, пак, говорат дека минатата година во Македонија имало најмал наталитет од осамостојувањето на земјата. Ако во 2010 година имало 24.296 родени деца, минатата година таа бројка паднала на 21.333, што е намалување за 2.963 деца. Покрај малиот број новородени деца, расте и бројот на оние што се иселуваат. Но метежот во градинките за упис на дете не се намалува. Експертите велат дека таквата состојба во градинките е поради менувањето на животните навики на младите брачни парови и поголемото вклучување на жената во работен однос.
Јоаким Димулков, директорот градинката „Срничка“ во скопски Аеродром, вели дека состојбата и оваа година е иста, но дека се трудат да им излезат во пресрет на сите родители и да направат напори за згрижување на нивните деца.
– Засега имаме десетина деца што се на листата на чекање. Списоците за септември се готови, но и овие деца ќе бидат запишани од октомври. Во градинката се запишани 1.700 деца, од кои во овој сѐ уште летен период доаѓаат околу 500 деца – додава Димулков.
Според него, Аеродром е млада населба, каде што постојано се градат нови згради, се вселуваат млади брачни парови, со што се зголемува потребата од проширување на капацитетите на објектите за згрижување деца.
Родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од матичниот лекар за здравствената состојба на детето, односно наод и мислење од соодветна стручна институција за дете со пречки во менталниот развој или телесна попреченост.
Маја Ристовска, директорката на детската градинка „Росица“ во скопската населба „Ѓорче Петров“, вели дека и минатата година и оваа капацитетите на градинката се исполнети и дека многу деца и овој септември ќе останат незапишани.
– Сѐ уште немаме точни бројки на поднесени пријави за упис во градинката од септември, но очекуваме тој број да изнесува околу 400 деца, кои се на листата на чекање. Овој број е намален, но сепак очекуваме да почне изградбата на градинката во Волково, како и проширување на постојните капацитети на другите градинки во општината – додава директорката Ристовска.
Инаку, проблемот со сместувањето на децата од предучилишна возраст во градинките е присутен долги години и во другите градови во земјава. Проблем има и во Битола и во Штип. Иако во некои градинки се проширени капацитетите, отворени се и нови објекти, сепак сето тоа не ја задоволува потребата на родителите чии деца се од предучилишна возраст.
Досега министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во неколку наврати посочуваше дека оваа влада, и сега и во иднина, ќе работи на зголемување на опфатот за сместување деца од предучилишна возраст. Според информациите на веб-страницата на МТСП, во земјава има 57 државни детски градинки и уште 26 приватни детски градинки.
Сите деца од Кавадарци примени во градинка
Кавадарци целосно го решил проблемот со капацитет за сместување деца во градинка. Годинава на листата на чекање биле 485 дечиња и сите биле примени. На листата на чекање останале само дечињата што се родени годинава и немаат полни девет месеци, и дечињата од селото Возарци, кои ќе бидат примени кога ќе се заврши реконструкцијата на занималната со капацитет за 30 деца, а се очекува да биде готова во октомври годинава.