Апарати за механичка вентилација во домашни услови доби како донација Клиниката за детски болести во Скопје. Со нив, пациентите ќе можат наместо во болница да престојуваат во домашни услови.
Апаратите се донација од спортскa обложувалницa, а средствата за набавка на оваа медицинска опрема се собрани преку кампањата која за време на Светското фудбалско првенство 2018 се одвиваше на сите уплатни места.
Медицинската опрема е наменета пред се за пациенти со церебрална парализа во поодмината фаза, како и за пациенти со невромускулни заболувања.
Цената на еден ваков апарат е околу 550 илјади денари.
За директорката на Детската клиника Катерина Ставриќ, со набавката на двата апарати се им се овозможи на пациентите со церебрална парализа во термална фаза и на пациентите со мускулни заболувања пократко да престојуваат на одделот за интензивна нега и респираторната поддршка да ја вршат во домашни услови наместо во болница.
– Една од целите на Клиниката е што пократко децата да престојуваат во болница, а со оглед дека имаме големи деца со терминална фаза на церебрална парализа и мускулни заболувања кои поради здравствените потреби имаат долги престои во Одделот за интензивна нега, со обезбедувањето на овие апарати ќе им се овозможи да ја вршат респираторната поддршка во домашни услови, изјави Ставриќ.
На примопредавањето на донацијата присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.