Професорката и министерка за правда, Рената Дескоска, е номинирана да биде член на Венециската комисија, каде што досега државата ја претставуваше професорката Тања Каракамишева. Дескоска ја потврди одлуката на Владата и дополни оти се надева дека ќе може да го усогласи законодавството на Македонија со европското. Таа тврди дека не е спорно што Владата номинирала министер за да биде член на Комисијата.
– Земјите што често праќаат закони на мислење до Венециската комисија избираат да номинираат за свои претставници министри, заменик-министри или државни секретари доколку тие ги исполнуваат условите заради подиректна соработка со Комисијата и целосна и искрена размена на ставови. Таков е примерот на Црна Гора, која за свои претставници ги има министрите за правда и за надворешни работи, Србија, чиј претставник е заменик-министерот за правда, Романија, Унгарија. Секако, во моментот одлуката на Владата е само номинација – напиша Дескоска.
Каракамишева беше делегирана во Венециската комисија како правен експерт од претходната влада на Никола Груевски. Таа е член од јануари 2016 година на местото од професорката Гордана Силјановска-Давкова.
Членовите на Венециската комисија имаат мандат од четири години.